Седумнаесет патронажни медицински сестри од Здравствен дом во Битола реагираат дека во услови на пандемија кога медицински кадар е потребен, скоро два месеца не одат на работа зашто не им се продолжени договорите на дело. Тие беа ангажирани во ноември 2019, преку јавен повик од Министерството за здравство за проект во кој се вкучени патронажни сестри.
„Скоро два месеца седиме дома и чекаме нова согласност заради продолжување на договорите за работа. Од телефонски разговори во неколку наврати со Министерството за здравство ни беше кажано дека договорите ќе бидат продолжени за цела 2021 година, но се чека согласност од Министерство за финансии. Бараме во најкраток можен рок да се среди целата процедура околу договорите за нас кои работиме во време на пандемија, а сега сме пуштени дома и чекаме согласност која не може да се среди веќе два месеца“, се вели во соопштението на медицинските сестри испратено до медиумите.
Од Здравствениот дом во Битола велат дека 17 патронажни сестри се ангажирани преку програма на Министерството за здравство, а сега се чека согласност од Финансии за да им бидат пак продолжени договорите. Додека таа не се добие, законски не може да бидат работно ангажирани. Воедно, одлуката кога ќе им бидат продолжени договорите не е во надлежност на институцијата , туку на надлежните министерства.
„Два пати им беше продолжена согласноста по шест месеци, а од Министерство за здравство се согласија дека пак ќе им биде продолжена согласноста. Поднесено е барање до Министерство се чека согласност од Финансии. Без одобрување од Министерство за финансии не можеме да ги земеме“, велат од Здравствен дом Битола.
Од Министерството за финансии велат дека „постапуваат по барањето и тоа ќе биде одговорено во законски рок и согласно предвидените средства во соодветните институции“. Од таму додаваат дека важно е институциите да ги планираат навремено вработувањата согласно нивните буџети.
Ж. ЗДРАВКОВСКА