МАНАСТИРОТ ВО МАТЕЈЧЕ ДОБИ 1 МИЛИОН ДЕНАРИ ЗА ЗАШТИТА КАКО КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО ВО ОПАСНОСТ

    МАНАСТИРОТ ВО МАТЕЈЧЕ ДОБИ 1 МИЛИОН ДЕНАРИ ЗА ЗАШТИТА КАКО КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО ВО ОПАСНОСТЦрквата „Успение на Пресвета Богородица“ е изградена 1362 година, а нејзин ктитор е цар Душан. (Фото: СДК.МК)

    Манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во манастирскиот комплекс Матејче, Кумановско по долго години заборавеност ќе добие пари од државата за заштита на архитектурата и иконите. Министерството за култура за проекти од национален интерес во областа на недвижно културно наследство во 2021 година во програмата културно наследство во опасност, одвои еден милион денари за превентивни интервенции на архитектурата и ѕидното сликарство на црквата и на камбанаријата на црквата Успение на Пресвета Богородица.

    Работите ќе ги извршува Националниот конзерваторски центар од Скопје.

    Министерката за култура Ирена Стефоска, по доаѓањето на функцијата во септември минатата година, кажа дека заштитата на културното наследство ќе биде нејзин врвен приоритет и макотрпно ќе работи на раскрстување со вандалскиот однос кон нашето наследство „бидејќи таквиот однос кон него, сите нѐ носи во пропаст“. Притоа на прво место го стави прогласувањето за културно добро во опасност на манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во Матејче и црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново.

    „Таквиот статус, добро во опасност, значи да се мобилизираат сите стручни и материјални ресурси во земјава и да се вклучуваат меѓународни експерти и ресурси за трајно решавање на проблемот. Зошто досега не бил применет овој пристап и за сите други загрозени културни добра од светско и од национално значење, на пример, актуелен е случајот и со манастирот ‘Успение на Пресвета Богородица’, во Матејче, иако уште во 2017 Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство повеле иницијатива за негово прогласување за културно добро во опасност“, кажа Стефоска.

    Црквата во Матејче е еден од најзначајните објекти во Македонија и ваква грандиозна и велелепна архитектура може да се спореди само со црквата „Света Софија“ во Охрид. Меѓутоа, црквата се ноаѓа во очајна состојба откако во неа беше сместен штабот на УЧК во 2001 година. Во воениот конфликт голем дел од црквата беше уништен, фреските оштетени, а одмаралиштето разурнато и запалено.

    По завршување на конфликтот направена е сериозна конзервација и црквата е доведена во состојба во којашто можеше да функционира, меѓутоа нејзиното уништување продолжи и понатаму. Вандали постојано ги кршат влезните врати и прозорците, а поради запоставеноста и неодржување се оштети кровот, па атмофереските влијанија доплнително го уништуваат фрескоживописот и внатрешноста на објектот.

    Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ е изградена 1362 година, а нејзин ктитор е цар Душан. Таа во себе го содржи најголемиот насликан ансамбл од 14 век на македонската територија и е еден од најрепрезентативните споменици на византиската уметност на македонска почва и ремек-дело на дворскиот стил кој што бил карактеристичен за епохата на Палеолозите. И покрај сите премрежиња, црквата и денеска му пркоси на времето.

    Комплексот „Света Богородица“ со конаците и детското одмаралиште над селото Матејче се наоѓа во Општина Липково на Скопска Црна Гора, и до пред 20 година беше омилено место за посета на кумановци. Последните години црквата се посетува само за празникот Мала Богородица на 21 септември, а граѓаните бараат државата и црквата да го изградат патот и да ги обноват конаците и да го заживеат местото во туристички цели.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира