ОБВИНИТЕЛСТВОТО ПОБАРА ПРИТВОР ЗА ДВАЈЦА ОД ПРОТЕСТОТ ПРОТИВ ПРЕСУДИТЕ ЗА „МОНСТРУМ“, ПОВРЕДЕНИ 11 ПОЛИЦАЈЦИ

    ОБВИНИТЕЛСТВОТО ПОБАРА ПРИТВОР ЗА ДВАЈЦА ОД ПРОТЕСТОТ ПРОТИВ ПРЕСУДИТЕ ЗА „МОНСТРУМ“, ПОВРЕДЕНИ 11 ПОЛИЦАЈЦИОсомничените и повеќе други демонстранти кон полицајците фрлаа со камења, бекатон плочки, метални шипки, за да го пробијат полицискиот кордон. (Фото: К. Попов)

    Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против двајца учесници на вчерашниот протест за пресудата во предметот „Монструм“ во Скопје, на возраст од 22 и 19 години, за кривично дело – Учество во толпа која ќе изврши кривично дело. Обвинителството од судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени.

    „По завршувањето на говорот на организаторот на протестот, осомничените и повеќе други лица започнале заеднички да дејствуваат кон полициските службеници, фрлајќи со камења, бекатон плочки, метални шипки и други предмети, во обид да го пробијат полицискиот кордон. Како резултат на ова, со тешки телесни повреди се здобил новинар присутен на местото на настанот, а повредени биле и 11 полициски службеници“, соопшти Обвинителството.

    Обвинителството вели дека ќе поведе кривична постапка и за други лица кои извршиле насилнички дејствија за време на протестот, откако Министерството за внатрешни работи ќе ги комплетира кривичните пријави.

    Протестот вчера тргна од Чаир и според најавата требаше да заврши пред Владата, но полициски кордон ги запре демонстрантите кај Бит пазар и не им дозволи да поминат кај судовите. Тука дојде и до нападот врз полицијата, која употреби и шок бомби да ја растури насилната толпа.

    Пресудата за повтореното судење за „Монструм“ за петкратното убиство кај Смиљковско Езеро од 2012 година беше изречена на 23 февруари во Основниот кривичен суд. Доживотни казни затвор добија обвинетите Алил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ, 15 години затвор доби обвинетиот Фејзи Азири и девет години затвор доби обвинетиот Хаки Азири. Ослободен од обвинението беше Сами Лута. Алил Демири и Африм Исмаиловиќ се избегани во Косово.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира