Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска ја повика дијаспората масовно да се пријави на онлајн апликацијата за пописот, а паралелно неговата партија ќе продолжи да собира потписи од граѓаните да го девалвира процесот.
„ВМРО-ДПМНЕ за 24 часа, или по 3 часа дневно, во рок од 8 дена собра повеќе од 100.000 потписи од граѓани кои се незадоволни од начинот на кој се води операцијата попис. ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да ја води битката против мафијашката власт од внатре низ институциите за одложување на пописот, а во меѓувреме е потребно истата таа операција да ја девалвираме. Затоа, ја повикуваме дијаспората масовно да се пријави на онлајн апликацијата. Доколку мафијашката власт продолжи насилно да се однесува, тогаш при преземањето на институциите истата ќе биде предмет на детална проверка, а ВМРО-ДПМНЕ нема да ги признае овие политички резултати“, напиша Мицкоски на Фејсбук и ги упати нашите сограѓани од дијаспората на линкот за онлајн попишување.
Вчера, повик до дијаспората да се попише онлајн упати и првиот вицепремиер Артан Груби. Онлајн попишувањето на дијаспората почнува денеска, но сајтот на Државниот завод за статистика е паднат.