Седумдесет и првото издание на Берлинскиот филмски фестивал почнува денес, со онлајн издание поради пандемијата на ковид-19. Петнаесет филмови се во трка за Златна мечка, највисоката награда на Берлиналето за најдобар филм, која ќе биде соопштена в петок од шестчленото жири, како и останатите награди.
Во официјалната селекција има филмови од 16 земји како: Иран, Јапонија, Мексико, Германија, Франција, Грузија, Чешка, Унгарија, Романија, Катар и Канада. Два документарци и две дебија се меѓу 15-те кандидати за престижната Златна мечка. Во селекцијата повеќето автори веќе биле на Берлинале, а се враќаат со новите филмови и наградуваните автори Хонг Сангсоо, Селин Шама, Раду Јуде.
Документарците се германскиот „Г-ѓа Бахман и нејзиниот клас“ на Марија Шпет и мексиканскиот „Полициски филм“ на поранешниот лауреат Алонсо Руизпаласиос. Дебијата се германскиот „До врата“ на Даниел Брил и унгарскиот „Природна светлина“ на Денес Наги.
Во текот на оваа недела, филмовите ќе се прикажуваат на настан за филмската индустрија, кој е главно отворен само за филмските професионалци.
Наградите ќе бидат соопштени в петок, но свеченото доделување се планира за во јуни, со настан на отворено и за пошироката јавност.
За Официјалната програма, жирито, за кое не се планира да има претседател, ќе ги гледа филмовите во живо во кино во Берлин. Во жирито се: ланскиот лауреат Мохамад Расулоф за иранскиот филм „Не постои зло“, потоа: Надав Лапид, Адина Пинтиле, Илдико Енједи, Џанфранко Роси и Јасмила Жбаниќ, која во 2006 доби Златна мечка за „Грбавица“.