Да се стопира изградбата на хотелот на местото на ресторанот „Парк“ во Охрид додека не се добие позитивна стручна анализа за проектот, бараат од Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ). Ова нивно барање се заснова на податокот дека постојниот објект кој треба да се сруши е наградено репрезентативно архитектонско дело на архитект Павел Балабан од страна на Асоцијацијата и БИМАС во 1989 година. Објектот, како што објаснуваат архитектите, со својата форма, дизајн, габарит и функција создава симбиоза меѓу природата и артифициелното, односно Охридското Езеро и околината со автентичната охридска архитектурата од 20. век.
„Во неможност за увид во плановите и проектите за новиот објект- хотел, кој треба да го замени постојниот награден објект, како и стручна анализа за усогласеноста на Урбанистичкиот план со плановите од повисоко ниво и законската регулатива, бараме да прекине постапката за градење до нивно објавување и позитивна стручна анализа со вклученост на стручната јавност“, се вели во соопштението на Асоцијацијата на архитекти на Македонија.
Од таму велат дека во време кога се соочуваме со опасност од одземање на статусот на Охрид и Охридскиот Регион како природно и културно наследство на УНЕСКО, градоначалникот на Општина Охрид и сите надлежни институции треба да постапуваат согласно и исклучиво со законските уредби, пропишаните правила и прописи.
„Она што е потребно во овие моменти е транспарентност на локалната самоуправа за активностите кои ги презема. Целата е јавноста да има увид во постапката за изградба на планираниот објект со катност приземје плус три спрата“, велат од Асоцијацијата.
Тие бараат увид во урбанистичкиот план за локалитетот од 2009 година кој не даден на јавен увид на веб-страната на Општина Охрид, мислењето од Националната комисија за УНЕСКО, водостопанската согласност од Министерството за животна средина со која се дава дозвола за градба на објект во заштитениот појас со ширина од 50 метри од највисокиот водостој на Охридското Езеро.
Од аспект на доследното и стручно работење на институциите, од Асоцијацијата прашуваат дали се синхронизирани и усогласени Урбанистичкиот план од 2009, како план од пониско ниво, со плановите од повисоко ниво и тоа просторен план на Република Македонија, просторен план на Охридско-Преспанскиот Регион, план за управување со Охридскиот Регион и планот за управување со Националниот парк Галичица.
А. АНТЕВСКА