ОД СВАДБИ ДО ПОГРЕБИ – КАПИТАЛНА МОНОГРАФИЈА ЗА ЖИВОТОТ НА БИТОЛСКИТЕ ЕВРЕИ

    ОД СВАДБИ ДО ПОГРЕБИ – КАПИТАЛНА МОНОГРАФИЈА ЗА ЖИВОТОТ НА БИТОЛСКИТЕ ЕВРЕИВо монографијата има над 400 фотографии од оставнината на Манаки. (Фото: СДК.МК)

    „Тој ден, како и денешниот, бил многу студен. Врнело снег. Од 6 до 8 часот наутро почнало насилното собирање на битолските Евреи. Првата група во 8,10 часот пристигнала на железничката станица. Се треселе од студ и страв собраните деца, во очај биле мажите и жените. Овој историски и непоткуплив факт денес да се негира од бугарска страна значи да се негира животот што згаснал“, ја почна со овие зборови писателот Мишо Китановски промоцијата на капиталната монографија за битолските Евреи „Последниот албум – чувар на спомените на Еврејската верска општина во Битола“, чиј автор е историчарот проф д-р Александар Манојловски.

    Од промоцијата на „Последниот албум – чувар на спомените на Еврејската верска општина во Битола“, чиј автор е историчарот проф д-р Александар Манојловски. (Фото: СДК.МК)

    Во книгата на 350 страници, со бројни научни податоци собрани од архивите во земјава и странство и со над 400 фотографии од оставнината на Манаки, е раскажана животната приказна на битолските Евреи кои на 11 март 1943 беа депортирани во нацистичкиот логор Треблинка од пронацистичката бугарска окупаторска власт, од каде никој не се врати. Во салата каде беше промоцијата поставена е и изложба „Сведоштво на битолските Евреи низ фотографското творештво на браќата Манаки“.

    Фотографија снимена во спомен на престојот „Кен Бетар“ од Тел Авив во Битола на 7 јули 1935 година, пред хотелот „Солун“. (Фото: СДК.МК)

    За разлика од раскажувањата на старите битолчани за сиромашното Еврејско маало, монографијата, а и сликите од Манаки доловуваат и еден поинаков сегмент од животот на еврејската заедница. Богат економски и општествен живот, оОпфатени се свадби, гозби, излети, па сѐ до погреби.

    По елегантната облека в очи паѓа фотографијата од венчавката на Саломон Шабатај Исак со сопругата, ќерка на Калдерон Јосиф и Алегра. Се венчале кон крајот на 1941 година, но долго не проживеале брачен живот зашто неполни две години подоцна завршиле во Треблинка. Побогатите Евреи од Битола по венчавките организирале гозби во клубот „Мазвентил“ што постоел во триесетите години од минатиот век, за што сведочат повеќе фотографии. Такви биле гзобите по венчавките на Хаим Пардо со Матилда Камхи и на Израел Асео со Жулија Батино.

    Хаим Ароести кој починал во Виена, според неговото завештание бил донесен и погребан во родниот град Битола. (Фото: СДК.МК)

    Во 1930-те години на минатиот век во Битола се возеле мотори и автомобили. Постои фотографија направена во спомен на престојот „Кен Бетар“ од Тел Авив во Битола на 7 јули 1935 година, пред хотелот „Солун“ каде дури петмина од присустните се на мотори. Потоа, побогати Евреи во автомобили се фотографирани пред кафеаната „Ројал“. Младите оделе на излет кај манастирот „Св. Христифор“ во Крстоар. Во градот постоело еврејско пејачко друштво и дувачки оркестар. Се учело и на хебрејски јазик, од Ерусалим во 1924 година дошла учителката Леа Бен.

    Зачувани се и фотографии за семејства кои уште пред Втората светска војна се иселиле на други континенти и успеале да ѝ побегнат на смртта. Така, фамилијата на Бохор Касорла и на Шабетрај Ергас заминале за Палестина, семејството на Ергас Кучуа во Сантјаго, Чиле. На заминување, задолжително навраќале кај Манаки да бидат фотографирани, дотерани.

    Во 1930-те години на минатиот век во Битола се возеле мотори и автомобили. (Фото: СДК.МК)

    Но, иако заминале, голем дел од нив Битола ја носеле во срцето. Така, Хаим Ароести кој починал во Виена, според неговото завештание бил донесен и погребан во родниот град Битола. При последното негово испраќање, улицата која денес се вика Никола Тесла е полна луѓе.

    Потоа, дошла депортацијата во Треблинка и присилно од нивните домови биле протерани 798 семејства со 3.351 битолски Евреии. Трагичната судбина заедно со нив ја поделил и рабинот Аврам Романо од Сараево, кој повеќе години работел во Битола, бил многу начитан, предавал на хебрејски и ја обновил дејноста во синагогата Арагон. Бил депортиран заедно со син му Давид.

    Сакам историската виделина да излезе на површина и да биде достапна до јавноста, рече авторот Манојловски на промоцијата. (Фото: СДК.МК)

    Во книгата белег остава и хуманоста на битолските Евреи. Постоеле повеќе здруженија кои им помагале на сиромашните. „Ла Социетед Малиш Арумум“ обезбедувало облека, „Метанот Леавојним“ оброк за гладните деца. Бил оформен и Американски фонд од кој се купувале училишни работи за сиромашните ученици. Од Фондот „,Малиш Арумим“ се исплаќале и хонорарите за предавачите кои ги подготвувале слабите ученици за да не ја повторуваат годината.

    „Монографијата е плод на повеќегодишна истражувачка работа во повеќе институции во Архивот на Еврејскиот историски музеј во Белград, Архивот на Југославија во Белград, Државниот архив на Република Северна Македонија- одделение Битоал, Државен архив Софија, библиотеките во Скопје и Битола. Монографијата е поткрепена со архивска документација и научна литература. Главно, фокусот е на семејствата кои се иселени пред 78 години од страна на германските сојузници, од страна на бугарската административна власт и се однесени во неповрат, во логорот Треблинка, од каде никој не се врати. Она што го видов како недостиг беше истражувања надвор во архивите во странство кои даваат сосема поинаква слика на случувањата и попрецизно ги обликуваат сите оние настани за време на окупацијата, депортацијата. Сакам историската виделина да излезе на површина и да биде достапна до јавноста“, рече Манојловски.

    На 10 декември лани, Еврејска заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија јавно ја повикаа владата на Бугарија или државните официјални избрани политички авторитети – премиер, претседател, претседател на парламент – да се соочат со вистината за холокаустот врз Евреите во окупираните територии во Втората светска војна, за која пронацистичката влада во Царството Бугарија од тоа време е директно одговорна, и да се извинат и да ја прифатат одговорноста.

    „За време на Втората светска војна територијата на денешна Република Македонија, на која живееле околу 8.000 Евреи, е под директна окупација на Царството Бугарија и Италија, кои се сојузници во оската. Еврејското население кое живее во Македонија за време на Втората светска војна се наоѓа под бугарска окупација. Бугарските пронацистички окупаторски власти веднаш го спроведуваат врз Евреите антисемитскиот Закон за заштита на нацијата со кој на Евреите им се ускратуваат сите граѓански права, се дехуманизираат, се воведува Законот за еднократен данок на имот, со кој се ‘легално’ ограбени, се задложуваат сите Евреи да носат Давидова ѕвезда, еврејските куќи се обележани, дуќаните затворени, бизнисите и парите конфискувани“, кажаа од Заедницата и Фондот во заедничкото соопштение.

    „Бугарската пронацистичка власт, на чело со Богдан Филов и цар Борис Трети, дава согласност за потпишување договор за иселување (депортација) на Евреите од окупираните територии од страна на Бугарија, но и од самата Бугарија. На 22 февруари 1943 година Александар Белев, комесар за Еврејските прашања и Теодор Данекер, претставник на нацистичка Германија го потпишуваат Договорот за најпрво иселување на 20.000 Евреи од окупираните територии и од самата Бугарија. Согласно со овој Договор, на 11 март 1943 година бугарската пронацистичка војска и полицијата насилно ги собираат Евреите од нивните домови во Скопје, Битола, Штип… и ги транспортираат во привремениот логор, кој служел како транзитен логор, во Тутунскиот комбинат во Скопје – Монопол. Оттаму 7.144 Евреи, или 98% од вкупното еврејско население од тоа време, во три одделни транспорти, 22-ти, 25-ти и 29-ти март 1943 година, организирани од бугарските окупаторски власти, Комесаријатот за Еврејските прашања и со логистика на бугарската железница се депортирани и предадени на нацистите во центар от за убивање Треблинка. Никој од депортираните Евреи не се врати жив“, кажаа тие.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира