Евровизија ја забрани песната што требаше да ја претставува Белорусија на годинашниот фестивал зашто наводно ги исмева демонстрантите против лидерот Александер Лукашенко. Песната „Ќе ве научам“ ја изведува петчлената група „Галаси Зместа“, која беше избрана од националната радиодифузна мрежа, место да се одржи јавно гласање, како што беше случај во изминатите години.
Групата е позната како гласен поддржувач на режимот на Лукашенко и на својот сајт објави дека „не може да биде рамнодушна додека демонстрантите се обидуваат да ја растурат земјата“. Белорусија ја погодија најголемите протести во 26-годишното владеење на Лукашенко откако тој беше прогласен за убедлив победник на изборите во август.
Пејачот Дмитри Бутаков ја опиша песната на руски како сатирична и кажа дека не се однесува на протестите. Сепак, Европската радиодифузна унија (ЕБУ) објави дека постои политички контекст во стиховите и со тоа ги прекршува правилата на фестивалот, кој забранува политички пораки. Од ЕБУ кажаа дека Белорусија ќе мора да ја преработи песната, избере нова или ќе биде дисквалификувана.