Стружани денеска со мирен протест побараа од надлежните изградба на велосипедска патека на стариот пат Охрид- Струга, бидејќи, како што велат, патот е опасен за велосипедистите но и за пешаците. Токму на ова место, во последната сообраќајна несреќа загина седумнаесетгодишен велосипедист од село Ливада, Струшко.
„Патот Охрид-Струга е опасен и за велосипедистите, но и за моторџиите и возачите на автомобили. Голем е бројот на несреќи во кои загинаа и млади лица. Иако овој пат не е во надлежност на Општина Струга, но е клучна артерија каде граѓаните секојдневно поминуваат, па затоа бараме решението да биде иницирано од Општината. Бараме да бидат преземени сите мерки за овозможување на безбедност во сообраќајот на велосипедистите и пешаците“, велат иницијаторите на протестот.
Граѓаните побараа и проширување на патот, но и поголемо присуство на полицијата бидејќи според нив, ретко кој почитува сообраќајни правила па возачите на автомобили возат и дупло од пропишаната брзина.
„Општините Охрид, Струга и Дебарца заедно со Македонија пат треба да изнајдат решение за проширување на патот, изградба на велосипедска патека и зголемено полициско присуство, посебно за викенди“, побараа стружани.
Никола Кутаноски, тренер на триатлон клубот од Струга, вели дека често на оваа делница тренираат бидејќи во градот нема услови за тоа, но откако се поставил нов асфалт веќе не се чуствуваат безбедно.
„Од сите тука што сме дојдени, 80 отто имаме доживеано сообраќајна несреќа. Најчесто тука носам група со дечиња на возраст од 8 до 16 години, затоа што нема каде во Струга да тренираме. Нашиот спорт е пливање, велосипедизам и трчање, но не сме само ние тука кои возиме, има и рекреативно луѓе кои возат велосипед, кои трчаат. Патот се користи за рекреативни цели, за велосипедисти и атлетичари, но во моментов не е безбеден. Откако е направен патот со нов асфалт се случуваат голем број несреќи“, вели Кутаноски.
Стружани најавија дека повторно ќе излезат на мирни протести ако надлежните не одговорат позитивно на нивните барања.
С. ВРЕНЦОВСКА