Штипјанецот Ласте Георгиев (60), сопственик на погребално претпријатие во Штип, вчера почина од ковид-19. Не се знаат точните причини за неговата смрт, но негови роднини и пријатели велат дека ковидот му донел брз и смртоносен тромб. Починал ненадејно.
Штипјани го знаат Ласте како хуман човек кој, како што велат многумина, простувал долгови на семејствата кои имале смртни случаи, а биле сиромашни. И тој потекнува од сиромашно семејство па затоа секогаш кога можел им помагал на другите. Многу често го возеше и погребалното возило и сочуствувал со ожалостените фамилии.
Георгиев беше прв штипјанец кој отвори погон за производство на сувомеснати производи во градот. Беше дел од штипската чаршија и како народен човек мошне омилен меѓу граѓаните. Како поранешен спортист, беше љубител на сите спортови и ги спонзорираше.
Од Штип за една недела од ковид-19 починаа неколку познати личности од различни сфери, а денеска на крстосницата кај селото Крупиште ковид пациент превезуван со амбулантско возило добил скршеници, откако болничкото возило се судрило со камион што работел на експресниот пат во изградба Крупиште-Кочани.
Т. ЈОВАНОВСКИ