И осомничениот Јордан Камчев кој претпладнево беше приведен по сознание на Агенцијата за национална безбедност дека се спрема за бегство, доби мерка притвор од 30 дена покрај кумот Ристо Новачевски на првоосомничениот Никола Груевски за купување на плацевите на Водно за себе, со перење пари.
Осомничен за помагање во незаконското купување на плацевите за братучедот Груевски како тогашен лидер на ВМРО-ДПМНЕ и премиер е и Сашо Мијалков, кој веќе е во Шутка.
Избеганиот премиер Никола Груевски незаконски си присвоил најмалку 1,3 милиони евра од донациите за ВМРО-ДПМНЕ додека бил претседател на партијата и потоа со тие пари си купувал плацеви на Водно.
Според истрагата, на првоосомничениот Груевски во перењето на нелегално стекнатите пари му помагале Мијалков и Камчев, кои се второосомничен и четвртоосомничен. Новачевски е третоосомничен.
Груевски во периодот од 2006 до 2012 година, дел од донациите за финансирање на партијата ги примал лично и не ги прикажувал како примени донации во финансиските извештаи на партијата и на тој начин присвоил најмалку 1.300.360 евра или 79.972.140,00 денари. Потоа, во периодот од октомври 2012 до септември 2013 година, тие пари тој ги пуштил во оптек купувајќи градежно земјиште на Водно преку фирма-ќерка на фирма од Белизе. Управител на таа фирма бил кумот Ристо Новачевски.
Парите од донациите, прибавени со кривично дело Затајување, биле префрлани на сметката на фирмата-ќерка и потоа Новачевски со тие пари им плаќал на сопствениците на земјиштето за да се скрие изворот на парите и вистинскиот сопственик на земјиштето со вкупна површина од 11.000 метри квадратни, покажала истрагата.
“Во периодот од 20 јули 2015 до 26 јуни 2019 година, по јавно објавените разговори кои ја откриваат сопственоста на градежните парцели во КО Центар 2, со цел да се прикрие вистинскиот сопственик третоосомничениот како управител на правното лице, ја пренел сопственоста на друго правно лице. Тој, по претходен договор со првоосомничениот, користејќи полномошно издадено од сопственикот на правното лице од Белизе ја пренел сопственоста на правното лице чиј управител е петоосомничениот, а шестоосомниченото лице се јавува како краен сопственик на правното лице. За да се прикрие локацијата, движењето и сопственоста на имотот ‘новите сопственици’ донеле одлука за преименување на правното лице и одлука за физичка делба на парцелата од 6.785м2 на три нови парцели. За да ја прикријат локацијата и сопственоста плацовите биле пренесени на физичко лице без платен удел, но со определен рок од 3 години за исплата на купопродажната цена“, соопштени Обвинителството за организиран криминал во октомври лани.
За останатите двајца осомничени, Ненад Јосифовиќ и Ратка Камчева, мајката на Орце, судот веќе има изречено превентивни мерки за обезбедување на присуство во други предмети, а првоосомничениот Груевски е недостапен на органите на прогон, откако доби азил во Унгарија.
Адвокатот на Камчев Тони Менкиновски вели дека „само по некоја дојава на АНБ Јордан Камчев доби притвор од 30 дена“.
„На два оставени пасоша во Основниот кривичен суд Скопје, на капитал оставен како гаранција. Од обвинител од Радовиш, пазете! Од Радовиш!”, изјави неговиот адвокат Тони Менкиновски, кој ги водеше преговорите за Законот за јавно обвинителство во име на ВМРО-ДПМНЕ, која бараше да се запрат истрагите од поранешното СЈО, меѓу кои е и оваа за плацевите на Груевски на Водно, купени со пари од членството на партијата.
Тој кажа дека поминале 30 месеци од оваа истрага и затоа таа, според него, е незаконска. Но, предистрагата се води неколку години, истрагата е отворена од пред неколку месеци.
С.К. ДЕЛЕВСКА