СПАЈК ЛИ ПАК ЌЕ БИДЕ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА КАНСКОТО ЖИРИ ОТИ ЛАНСКОТО ИЗДАНИЕ БЕШЕ ОТКАЖАНО

    СПАЈК ЛИ ПАК ЌЕ БИДЕ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА КАНСКОТО ЖИРИ ОТИ ЛАНСКОТО ИЗДАНИЕ БЕШЕ ОТКАЖАНОЗа „Црниот член на Кју-Клукс-Клан“ во 2019 Ли ја доби главната награда на жирито во Кан. (Фото: АП)

    Американскиот режисер Спајк Ли годинава ќе биде претседател на жирито на Канскиот филмски фестивал, објавија организаторите. Ли и лани требаше да биде на чело на жирито, но Фестивалот беше одложен поради ковид пандемијата. Седумдесет и четвртото издание на Фестивалот наместо традиционално во мај, годинава ќе се одржи од 6 до 17 јули.

    Ли е прв Афроамериканец кој ќе биде претседател на Канското жири, кое одлучува за една од најпрестижните филмски награди во светот, Златна палма. Во 2019 го освои првиот Оскар, за најдобро сценарио за „Црниот член на Кју-Клукс-Клан“. Голем дел од филмовите на Ли низ годините беа прикажани во Кан, а „Црниот член на Кју-Клукс-Клан“ истата година ја доби главната награда на жирито.

    Претседателот на Фестивалот Пјер Лескур рече дека го цени Ли поради неговата лојалност и неговиот дух.

    „И покрај неизвесноста сиве овие месеци, Спајк Ли никогаш не престана да нѐ поттикнува. Оваа поддршка конечно ќе се оствари и не ни можевме да се надеваме на помоќна личност за да ги одбележиме овие турбулентни времиња“, вели Лескур.

    Официјалните селекции ќе бидат објавени на почетокот на јуни.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира