Министерот за здравство Венко Филипче го разреши директорот на Струшката болница, д-р Мухамед Асани и најави дека денес или утре ќе се назначи нов директор.
Случајот за Асани го пријави пациентка од Дебар, која при породувањето со царски рез кој го вршел Асани во Струшката болница остана без матка, јајник и бубрег, а докторот целата бременост ѝ ја водел во дивата ординација дома.
Филипче кажа дека вчера донел решение за формирање Комисија за вршење на надзор на стручната работа на ЈЗУ ОБ Струга, а во врска со дијагностиката и лекарскиот третман на пациентката Ј.В.
„Во комисијата се директорите на клиниките за Урологија, Гинекологија, КАРИЛ и на Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДСЗИ). Комисијата има задача да изврши надзор над стручната работа на ЈЗУ ОБ Струга, а во врска со дијагностиката и лекарскиот третман на пациентката“, рече Филипче на денешниот прес во Владата.
Б. НЕСТОРОСКА