Турција излезе од Истанбулската конвенција за женски права, чија цел е заштита на жените од насилство. Одлуката на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган е објавена во денешниот Службен весник. Основана во 2011 од Советот на Европа, Истанбулската конвенција има за цел да изгради правна рамка за заштита и борба против насилство врз жени и семејно насилство.
„Овој потег e огромен неуспех во овие напори и уште повеќе е срамен затоа што ја компромитира заштитата на жените во Турција, низ Европа и пошироко“, рече генералната секретарка на Советот на Европа Марија Пејчиновиќ-Буриќ.
Ердоган лично ја потпиша Конвенцијата во Истанбул, кога уште беше премиер. Според турската платформа „Ќе го запреме фемицидот“, таа подоцна била ратификувана во Турција, но никогаш не влегла во пракса.
Организацијата бара да запрат фемицидите и да се даде гаранција дека жените се заштитени од насилство. Тие велат дека се против секакви форми на насилства врз жени, кое е доста често во Турција. Според нив, Најмалку 300 жени се убиени лани во Турција од мажи, но бројот може и да е поголем оти има десетици мртви во сомнителни околности.
Претседателката на организацијата Фидан Атаселим, на Твитер повика на протести по одлуката на Ердоган.
„Не можете да заклучите милиони жени дома, не можете да избришете милиони жени од улиците и плоштадите“, рече таа и ги повика турските лидери да ја променат одлуката.
Но, турските конзервативци велат дека нивните принципи за родова еднаквост и недискриминација на основа на сексуална определба ги поткопуваат семејните вредности и поттикнуваат на хомосексуалност. Министерката за семејство, труд и социјална политика Зехра Зумрут рече дека женските права се заштитени со Уставот, и не даде коментар за повлекувањето.