Бугарија протера двајца руски дипломати осомничени за шпионажа, откако шест лица, вклучувајќи сегашни и бивши воени разузнавачи, беа обвинети за шпионирање за Русија.
Министерството за надворешни работи соопшти дека им дало рок од 72 часа на дипломатите да ја напуштат земјата, откако обвинителите кажаа дека тие биле вклучени во активности несоодветни на нивниот статус.
Софија досега има протерано осуммина руски дипломати, меѓу кои и воениот аташе, поради наводно шпионирање од октомври 2019, што внесе тензија во историски блиските врски помеѓу двете земји. Руската амбасада во Софија го опиша протерувањето како неосновано и додаде дека Москва има право да преземе слични мерки.
Обвинителите кажаа дека шестчлената група проследувала доверливи информации за Бугарија до руската амбасада во Софија.
Македонија е меѓу земјите кои ѝ изразија отворена поддршка на Бугарија.
„Силна поддршка за суверенитетот на Бугарија, нашиот сосед и сојузник во НАТО. Република Северна Македонија ги осудува сите малигни активности на територијата на Бугарија“, напиша министерот за надворешни работи Бујар Османи на Твитер, обраќајќи ѝ се на колешката Захариева.