ОД 4.577 СКОПЈАНИ КОИ ДОБИЈА ПО 1.000 ЕВРА ЗА ИНВЕРТЕР, КОНТРОЛИ СЕ НАПРАВЕНИ КАЈ 500, НИКОЈ НЕ ПРОДОЛЖИЛ ДА СЕ ГРЕЕ НА ДРВА

    ОД 4.577 СКОПЈАНИ КОИ ДОБИЈА ПО 1.000 ЕВРА ЗА ИНВЕРТЕР, КОНТРОЛИ СЕ НАПРАВЕНИ КАЈ 500, НИКОЈ НЕ ПРОДОЛЖИЛ ДА СЕ ГРЕЕ НА ДРВАГраѓаните кои добија субвенции требаше да ги продадат нивните шпорети на дрва или нафта. (Фото: СДК.МК) 

    Град Скопје не фатил ниту еден граѓанин кој продолжил да се грее на дрва, a добил 1.000 евра субвенции за купување на инвертер клими. Од 4.577 граѓани кои добија 100 процентна помош од државата, инспекторите од Градот досега направиле контроли кај 500 домаќинства.

    „Поради пандемијата на ковид-19 досега не се извршени контроли кај сите домаќинства кои добија помош, но тоа ќе биде направено во наредниот период. 300 граѓани дозволија на инспекторите да влезат во нивните домови и да извршат проверка, а кај 200 контролата се направил однадвор. Лесно може да се види дали се почитуваат условите, не може да се скрие ако оџакот чади. Општ заклучок беше дека кај сите нив се почитува обврската за затоплување со уредот клима инвертер. Доколку при вонреден инспекциски надзор се затекне домаќинство кое не ги исполнува условите од јавниот повик, ќе биде приморано да ги врати доделените финансиски средства “, велат од Град Скопје.

    Есенва на 4.577 граѓани од Скопје во целост им беа вратени парите за набавка на инвертери во вредност до 60.000 денари, како една од мерките на властите за намалување на загадувањето. Граѓаните за возврат требаше да ги предадат нивните шпорети на дрва или нафта.

    Есенва кога беа организирани акциите за предавање на шпоретите забележително беше дека се оставаа премногу стари печки, кои не се во функцијата и малку веројатно дека некој ги користи. Тоа го отвори  прашањето дали дел од граѓаните ќе продолжат да се греат на цврсти горива и покрај 100 процентната помош за менување на начинот на загревање на домовите.

    На една од акциите за предавање на печките на која присуствуваа градоначалникот Петре Шилегов и премиерот Зоран Заев, САКАМДАКАЖАМ.МК ги праша која е гаранцијата дека граѓаните нема и понатаму зимно време да загадуваат, а инвертерите да им служат за ладење во лето. Премиерот и градоначалникот тогаш кажаа дека ќе има казни за оние кои и покрај државната помош повторно загадуваат.

    „Многу лесно се проверува тоа. Инспекторите ќе дојдат до куќата и гледа дали оџакот чади. Ако чади тогаш ќе се постапува. Верувам дека инспекторите ќе постапуваат и ќе вршат контроли“, кажа премиерот Заев.

    Град Скопје лани од Владата доби 5 милиони евра за оваа мерка. Покрај Скопје пари добија и Битола, Тетово и Кичево каде општини за најголемо аерозагадување во земјава.

    И година Градот ќе дава 100 процентни субвенции за инвертери, а годинава за таа мерка се предвидени 2 милиони евра.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира