Инфективното одделение во Штипската болница од вчера нема слободни места. Максималниот капацитет од 70 кревети целосно е исполнет, па шест пациенти времено се сместени на Кожното одделение и на Одделението за реанимација.
„Повеќе од половината се лица од соседните градови. Клиничката слика на болните е различна. Има и тешки случаи кои се на кислородна поддршка. Дел од новозаболените се сместуваат на местата на оние кои оздравуваат и се праќаат на домашно лекување. Изминатите денови имавме и смртни случаи. Смртен случај имаме и денеска, почина пациентка од селото Истибање“, вели раководителката Дијана Шишкова.
Директорот на Клиничката болница во Штип Ален Георгиев вели дека има и две резервни решенија. Првото е дека дел од болните можат да се носат во Кочанската болница со која имаат добра соработка и каде има празни места. Наскоро ќе биде решен и најголемиот проблем што Клиничката болница во Штип го имаше со кислородните боци неопоходни за болните со ковид-19.
„Монтажната болница за една недела ќе го добие и централниот систем за кислородна поддршка што досега беше најголема пречка модуларната болница да не биде ставена во функција. Значи, во скоро време и тој проблем ќе биде решен, а потоа ќе уследи пациентите од Инфективното одделение да се префрлат во монтажната болница која веќе е изградена и е со потребната инфраструктура. Останува само да се асфалтираат приодните патишта до монтажната болница, но тоа може да се направи напоредно со нејзиното ставање во функција“, вели Георгиев и најавува дека по оваа трансформација ќе почне да се реализира меѓународниот проект за целосно реновирање на зградата на Инфективното одделение, како донација од Европските фондови.
Т. ЈОВАНОВСКИ