Шеесетина инженери од велешката компанија „Брако“, кои се на просечна возраст под триесет години работеа на концептот и дизајнот на две нови најсовремени возила кои беа претставени денес во Велес пред бројна владина делегација.
„Брако“ ја произведе првата во Европа еколошка машина за одржување на хигиена во урбани средини под брендот „Грин машинс“ ГМ500Х2 која работи на водород. Водородот се смета за најчистото еко-гориво. На еколошкото возило за чистење кое испушта само вода, а не издувни гасови како досегашните возила, работеа 15 инженери во соработка со инженери од Холандија од компанијата „Холхаузен“, која е специјализирана за овој тип на горивни ќелии. Интерес за ова возило има во САД, Велика Британија, Јапонија, но и во Скандинавските земји.
„Станува збор за прво во свет водородно возило, возило на водороден погон, на хидрогенски погон, наменето за чистење на улици од оваа големина. Тоа е тука развиено, произведено и е дело на инженерите во ‘Брако’. Отприлика 60-тина се на број, а меѓу нив има и тројца што студирале на светски универзитети и дојдоа тука да работат и да ни помогнат во нашиот развој. Тоа е за нас посебна гордост и чест. Возилото ги помина сите тестови. Досега две комерцијални возила се продадени, едно во Амстердам, едно во Утрехт и веќе ја извршуваат својата функција“, рече денес Кочо Анѓушев, сопственик и претседател на бордот на директори на „Брако“.
Анѓушев го претстави и новото возило ГМ995, за кое кажа дека е комплетно развиено во „Брако“, од дизајн, цртежи, и дека најголем дел од деловите се произведени во фабриката. Се разбира, вели тој, како во секоја автомобилска индустрија, има електроника, стакла итн. кои се купуваат, но грубо, од 6-7.000 компоненти кои влегуваат во ова возило, 4.500 компоненти се произведуваат во халите во „Брако“. Камионот, вели тој, ќе биде најголемото возило што се произведува во „Брако“.
Дополнително, компанијата ги привршува активностите во чии рамки вложи осум милиони евра во нови производствени капацитети.
„Практично имаме интегриран процес, не е само тоа монтажа на возила, туку и производство на сите компоненти на тие возила или најголем дел од нив. Ова возило во својата класа е едно од најмодерните возила, ги има иплементирано сите системи на заштита, електроника и управување. Ова е начин како од државата да извезуваме производи, а не деца. Иднината на македонската индустрија се производите со поголема додадена вредност. За да се произведуваат такви извозно ориентирани продукти што можат да се продаваат во целиот свет, потребно е компаниите да го поседуваат највисокото ниво на технологија и да имаат агресивен маркетинг. Токму ова веќе 20 години го применуваме во ‘Брако’, а овие возила се резултат на овој принцип на работа“, додаде Анѓушев.
Велешката компанија е меѓу технолошки најсовремените во земјава, а со 95 отсто од производството наменето исклучиво за извоз во над 30 земји, таа е еден од најуспешните извозници во Северна Македонија.
Б. НЕСТОРОСКА