Изработен е првиот телефонски именик со Брајово писмо во Македонија. Именикот го изработи „Лајонс клубот“ од Битола и му го донираше на Здружението на лица со оштетен вид и слепи лица од Битола. Координаторот на проектот Марјан Танушевски вели дека во телефонскиот именик ги има броевите на установите од културата и здравството во Битола, на сервисни служби и јавни претпријатија, автобуска и железничка станица, ЕВН, како и телефонските броеви на сите медиуми, доколку одредени лица сакаат да соопштат некое случјување или приказна во јавноста.
Слепите лица од Битола изјавија дека со овој именик ќе им се олесни комуникцијата со институциите во градот. Тие се пожалија дека најголема мака имаат со невработеноста.
„Положбата на слепите лица во Битола е на еден начин задоволителена, но назад сме многу со вработувањето. Имаме членови кои не можеме никаде да ги вработиме. Приватникот не сака да баш да ги вработи слепите, вели дека се невредни. Слепите работеа во графичката индустрија каде имаше мануелно работење, но тоа сега се искоренува зашто има машини, работеа и како телефонски оператори, програмери, терапевти“, рече Славе Димитровски, претседател на Здружението на слепи лица од Битола.
Во Битола има околу 12 проценти од вкупниот број на слепи лица во Македонија, поточно околу 320 од 2500 на државно ниво.
„Лајонсите се витези на борбата против слепилото. Во западните земји, бројките на слепи и лица со оштетен вид се на многу пониско ниво од Македонија, а во други земји во развој се на многу повисоко од Македонија. Превентивата е добра, но не е доволна иако се трудиме со максимални сили да помогнеме онаму каде што е најпотребно“, рече Слободан Вукиќевиќ, гувернер на Дистриктот 132 Македонија.
Со промоцијата на телефонскиот именик се одбележа Меѓународниот ден на видот.