ДИПЛОМАТСКИ ПРЕЧЕК НА ПРВАТА ПРАТКА ВАКЦИНИ ОД СИСТЕМОТ „КОВАКС“

    ДИПЛОМАТСКИ ПРЕЧЕК НА ПРВАТА ПРАТКА ВАКЦИНИ ОД СИСТЕМОТ „КОВАКС“Заедно со Филипче, на пречекот на вакцините на Скопскиот аеродром беа четворица амбасадори и четворица претставници на меѓународни организации. (Фото: Фејсбук/принтскрин)

    Никој не е безбеден додека сите не се безбедни, кажаа претставниците на дипломатскиот кор денеска на пречекот на првата пратка вакцини од 24.000 вакцини „АстраЗенека“ од програмата Ковакс на Скопскиот аеродром. Заедно со министерот за здравство Венко Филипче, на пречекот беа американската амбасадорка Кејт Брнз, германската амбасадорка Анке Холштајн, британската амбасадорка Рејчел Галовеј, францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер, Никола Бертолини од Делегацијата на Европската Унија, Џихан Тавила од СЗО, Патриција Ди Џовани од УНИЦЕФ и Росана Дуџак од Обединетите Нации.

    Американската амбасадорка Кејт Брнз во кусото обраќање кажа дека ќе се соочиме и ќе ја пребродиме оваа пандемија доколку делуваме заедно како партнери, порача амбасадорката на САД Брнз.

    Германската амбасадорка Анке Холштајн, која зборуваше на македонски и албански, рече дека Германија е коосновач на платформата за снабдување вакцини и е нејзин најголем донатор со 2,1 милијарди евра.

    Британската амбасадорка во земјава Рејчел Галовеј рече дека Велика Британија, како еден од првите донатори во Ковакс досега oбезбедила 548 милиони фунти за Ковакс и 1,3 милијарди фунти помош за ставање крај на пандемијата со коронавирусот што е можно побрзо.

    Францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер кажа дека ова е само почеток и над 100.000 дози се предвидени во рамки на овој механизам, додека Никола Бертолини, раководител за соработка во Делегацијата на Европската Унија кажа дека ЕУ донираше 2,2 милијарди евра во Ковакс.

    Ковакс е иницијатива на СЗО, преку која треба да се реализира рамноправна распределба на вакцините против ковид-19 и е наменета за сиромашни и земји во развој. Македонија е дел од самофинансирачките земји кои учествуваат во механизмот Ковакс, што значи дека сама си ги плаќа вакцините што ќе ги добие.

    Пред да пристигне пратката вакцини од Ковакс, вчера илјадници македонски граѓани се вакцинираа во Србија, еден дел во организација на Стопанската комора, друг дел самоиницијативно со закажување преку српскиот систем е-управа, но се вакцинираа и без никакво закажување. Голем број македонски граѓани и денеска заминаа за Србија да се вакцинираат.

    Додека Македонците вчера масовно се вакцинираа во Србија, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во телефонски разговор го извести премиерот Зоран Заев дека ЕУ обезбедила 651.000 дози вакцини против ковид-19 за граѓаните на земјите од Западен Балкан и соодветен дел од нив, согласно бројот на жители, во текот на април ќе пристигнат и во Македонија.

    Неколку часа претходно, бугарскиот премиер Бојко Борисов изјави дека следната недела во Бугарија ќе пристигнат над 200.000 вакцини против ковид-19, од кои тој ќе предложи 5.000 да бидат испратени во Македонија.

    Во вторник во Македонија треба да пристигне кинескиот министер за одбрана Веи Фенге со голема делегација. Премиерот Заев најави дека тој ќе донесе вести кога ќе пристигне пратката со кинески вакцини „Синофарм“. За следната недела тој најави дека треба да стигне и втората пратка на руски вакцини „Спутник“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира