ИСТРАГИТЕ НЕ СЕ ТОЛКАВ ПРОБЛЕМ, ПРЕДИСТРАГИТЕ ТРААТ СО ГОДИНИ, ВЕЛИ ОБВИНИТЕЛКАТА ВИЛМА РУСКОВСКА ЗА КРИТИКИТЕ ОД СТЕЈТ ДЕПАРТМЕНТОТ

    ИСТРАГИТЕ НЕ СЕ ТОЛКАВ ПРОБЛЕМ, ПРЕДИСТРАГИТЕ ТРААТ СО ГОДИНИ, ВЕЛИ ОБВИНИТЕЛКАТА ВИЛМА РУСКОВСКА ЗА КРИТИКИТЕ ОД СТЕЈТ ДЕПАРТМЕНТОТСо владина уредба лани паузираа и истрагите, поради пандемијата, вели Русковска. (Фото:СДК.МК)

    Обвинителката за организиран криминал и корупција Вилма Русковска за најновиот Извештај на Стејт департментот каде се нотира долгото траење на истрагите, над законските рокови, вели дека тоа е всушност проблем за предистрагите, за кои нема законски ограничувања.

    „Точно е дека некои предистраги траат долго време, како што е таа за ‘Скопје 2014’, за Фондот за здравство и други кои многу доцна беа префрлени од некогашното СЈО, во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Настрана што тие не се физички префрлени, туку се само впишани овде. Физички тука не се ни обвинителите што ги водат тие предистраги, па ако реферира некој од нив пред мене, во ред. Во спротивно, не знам што се случува со тие предистраги“, вели обвинителката Русковска за забелешката во Извештајот.

    Таа издвојува и неколку истраги кои траат подолго од законските 12 месеци, но вели дека не се многу на број и оти за пролонгираните има причина.

    „Во моментов условно кажано развлечена истрага е истрагата за перење пари ‘Империја’ која ги проби роковите од објективни причини. Подолг период се бараа вештаци за овој многу сложен предмет за перење пари, па на крајот тим професори од Економскиот факултет се согласи да го вештачи предметот. Тие се капацитетите на државата. Подолго траеше и истрагата за перење пари ‘Поштенска банка’, но и таа заврши, поднесено е обвинение“, вели Русковска.

    Таа првенствено ја истакнува паузата од три месеци кога со владина уредба беа запрени роковите на сите кривични постапки поради пандемијата. Тој период обвинителството не постапувало.

    Истрагата за бегството на Никола Груевски е почната уште во ноември 2018 година и таа до денеска не е завршена.

    Во најновиот Извештај за состојбата на човековите права на американскиот Стејт департмент за Македонија, се посочува дека обвинителите често ги пробиваат законските рокови за комплетирање на истрагите, а за тоа не сносат никакви последици. Според законот, истрагите треба да се завршат за 6 месеци, а роковите може да се продолжат до 12 и 18 месеци за покомплексните случаи на организиран криминал со дозвола на претпоставениот, но во пракса, обвинителите често ги пробиваат роковите.

    Во Извештајот се забележува и дека судската непримерност, прекумерниот притисок врз судиите, одложената правда и несоодветното финансирање на правосудството и обвинителството и натаму ги попречуваат работата и ефикасноста на судовите и дека тоа влијае врз јавната доверба во правосудството. Исто така, се забележува и дека владата демонстрира поголема почит за независноста и непристрасноста на судството во споредба со претходните години.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира