Општата болница во Струга е спремна за справување со ковид-пандемијата, вели д-р Арменд Арслани, новиот директор на Струшката болница. Според него, моменталната состојба во болницата е стабилна, а здравствената установа има и опрема и стручен медицински кадар за евентуален нов бран на коронавирусот. Дел од болничките кревети се поврзани и со централен довод на кислород.
„Ставени се на распологање сите ресурси коишто ние ги поседуваме, опрема, кадар. Интензивното одделение во склоп на Интерниот оддел има 7 кревети кои имаат централен довод на кислород. Останатите 32 кревети исто така се наменети за ковид болни пациенти. Модуларната болница е при крај, централниот довод на кислород и таму е монтиран, останува деновиве објектот да биде отворен за новозаболени лица доколку има потреба за тоа“, вели Арслани.
Бројот на заболени хоспитализирани е постојан последниве денови во Струга, и не надминува повеќе од 15 пациенти. Моментално има 13, од кои 7 се на кислородна поддршка. Повеќето се повозрасни пациенти над 60 години.
„Намалениот број на заразени во Струга не треба да не опушта бидејќи вирусот е непредвидлив“, вели Арслани.
С. ВРЕНЦОВСКА