Во Клиничката болница во Битола бројот на хоспитализирани пациенти со ковид-19 се искачи на 103, што е најголем број на примени во Ковид-центарот од почетокот на пандемијата досега.
„Нови приеми имаме 24, испишани се четворица, починати исто така четворица, од кои двајца во Битола на 64 и 62 години, еден од Ресен на 65 години и од Демир Хисар на 80 години“, вели директорката на Битолската болница Билјана Гагачовска.
Има и голем наплив на болни кои доаѓаат да направат анализи, односно крвна слика и снимање на рентген. Вчера, само во лабораторија беа изработени над 200 примероци анализи за ковид пациенти, во амбулантите имаше над 100 прегледи на позитивни и суспектни и 150 рентген снимки од амбуланта и лежечки ковид пациенти.
Во Битола само во последните три дена од оваа недела (од 29 до 31 март) има 161 новозаболен, а активни се 745. Најмладиот хоспитализиран пациент е на 23 години, а најмладото починато лице во третиот бран на ковид-19 е битолчанка на 41 година.
Ж. ЗДРАВКОВСКА