БОЧВАРСКИ ОЧЕКУВА ГОДИНАВА ДА СЕ ГРАДИ АВТОПАТ ПРИЛЕП-БИТОЛА

    БОЧВАРСКИ ОЧЕКУВА ГОДИНАВА ДА СЕ ГРАДИ АВТОПАТ ПРИЛЕП-БИТОЛАПрвиот чекор до изградбата на автопатот Битола-Прилеп е меморандумот за соработка што го потпишавме пред два дена, рече министерот Бочварски во Прилеп. (Фото: СДК.МК)

    Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски најави дека е потпишан меморандумот за соработка за изградба на автопат Битола-Прилеп и дека очекува годинава да почне да се гради. Токму тоа што нема автопатско поврзување со Скопје е еден од најголемите инфраструктурни проблеми со кои се соочува Битола. Од тој пат составен дел е и делницата Битола-Прилеп која сега е двонасочна со две-три ленти, а потоа продолжува превојот Плетвар кој е еден од најризичните за минување со возила. Битолчани за Скопје уште патуваат по три часа во еден правец.

    „Првиот чекор до изградбата на автопатот Битола-Прилеп е меморандумот за соработка што го потпишавме пред два дена, следниот чекор претставува навлегување во техничките детали поврзани со договорот кој во иднина би се случил. Со нашите експерти транспарентно ќе ја разгледаме целата постапка и на крај ќе одиме во Собрание за одобрување на тој договор. Во минатото, во државата пробавме на многу начини да градиме патишта, најчесто низ редовната постапка, но често се мачиме, ги губиме проектите, а парите остануваат нереализирани и затоа сега сакаме да се обидеме на еден нов начин, низ нов принцип, првпат да покажеме дека можеме брзо и ефикасно и јасно да покажеме дека ќе градиме инфраструктура за граѓаните како национален интерес број еден за државата“, рече Бочварски.

    Битолчани повеќе од 15 години чекаат автопатско поврзување со Прилеп, Велес и Скопје, а изградбата на патот е предизборно ветување на сите политички партии. Иако во изминатиот период и кај сегашната власт, а и кај таа претходно министерите за транспорт и врски беа од Прилеп, покрај ветувањата не успеаја автопатски да го поврзат Пелагонискиот Регион  за Скопје.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира