Претседателот на Комисијата за заразни болести и епидемиолог Жарко Караџовски на денешната прес-конференција во Владата реагираше зошто во недела медиумите го прашувале дали Комисијата одржала седница и дали нешто се планира. Премиерот Зоран Заев, заедно со министерот за здравство Венко Филипче, заменик-министерот за здравство Илир Хасани и Караџовски денес соопштија дека од утре се воведува полицски час од 20 до 5 часот, а од среда се затвораат угостителските објекти и фитнес-салите, поради силниот бран на ковид-19.
„Вчера на пладне или малце попладне добив пораки од ваши уредници, дали Комисијата одржала седница и дали нешто се планира. На никого во недела нема да одговорам дали нешто се планира оти уште не сме одржале состанок. Не можам да знам оти не знам кои се картите на маса. Сум рекол дека во понеделник ги анализираме состојбите, меѓутоа и за цела недела наназад сме ги анализирале состојбите. Јас не можам да се претворам во дневен информатор на телевизиите и медиумите во државата. Јас сум за тоа да соработувам, и секогаш кога премиерот или министерот ќе ме поканеле на прес-конференција сум доаѓал“, ѝ рече Караџовски на новинарка од ТВ Телма.
Во однос на тоа дали порано можеше да се предвиди овој силен бран на ковид-19, Караџовски рече дека пред две недели бројката на активни случаи беше 16 илјади, сега е 21.600.
„Дали може дневно да се информира за идната состојба, бидете сигурна не. Епидемиологијата е егзаткна наука. Еден и еден мора да се пресметаат за да се види дали се два. Бројката на новозаболени, на хоспитализирани, Р-факторот ни е репер за размислување и за анализи“, рече тој.
Новинарите имаа прашања до сите на пресот за тоа дали се чувствуваат одговорни и дали ќе се побара одговорност за оваа состојба со ковид-19 во земјава, а Караџовски рече: „Зошто одговорност, сум утепал некого? Зошто не се побара одговорност од Борис Џонсон, од Меркел, од италијанскиот премиер? Во Италија лани луѓе умираа по ходници. Зошто лани не рековте дека добро ја менаџираме ситуацијата?“.
Б. НЕСТОРОСКА