Набрзина, бидејќи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и гласноговорници од партијата ја осуетиле акцијата на полицијата за откривање, денеска почна апсење на вработени во пасошкото одделени во Македонската радио-телевизија на група која изработувала пасоши со автентична фотографија на „барателот“, а со друг идентитет, по избор, велат од МВР.
Претпладнево беа уапсени десетина полициски службеници буквално од столчињата на работните места во МРТВ во секторот за управни работи, за пасоши и за лични документи. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кажа дека прес-конференциите на ВМРО-ДПМНЕ на оваа тема кои се одржаа вчера и денеска биле обид за саботажа на акцијата, но дека за среќа, безуспешен.
Акцијата уште трае. Уапсените полициски службеници биле дел од синџир за фалсификување на патни исправи и лични документи. Истрагата и следењето на групата што прави и кому издава лични документи со краден идентитет, траеле повеќе од година.
Техничка помош на МВР во истрагата пружиле Канцеларијата за истраги на американската амбасада и Интерпол.
Последен пат јавноста за ваков случај слушна кога во Украина беше уапсен Црногорецот Стефан Ѓукиќ, припадник на Барскиот клан, со македонски пасош на име Ѓерѓи Каце, најверојатно Македонец од Пустец, Албанија. Тој поим немал дека му бил украден идентитетот и ставен под сликата на црногорскиот мафијаш во „македонскиот“ пасош.
Претходно Јован Вукотиќ, водач на Шкаљарскиот клан, беше осуден во Србија на 15 месеци затвор за фалсификување исправа. Тој користеше македонски пасош со негова фотографија, но под име Ѓорѓи Андонов.
Во октомври 2017 година обвинетиот ексначалник на Петтата управа во МВР, избега со пасошот на Владимир Варелов, главниот оператор во незаконското прислушување, кој помина со условна казна во случајот „Тврдина-Таргет“.
Еден од помилуваните од обвинетите најблиски соработници на поранешната власт на ВМРО-ДПМНЕ, од Ѓорге Иванов, е токму Горан Грујевски со украдениот идентитет од пасошко во МВР.
С. К. ДЕЛЕВСКА