Утврдени се одредени пропусти и кршење на процедурите во работењето на оперативните служби, при обезбедување на транспорт на премрзнатиот сточар во кратовското село Емирица, кој почина вчера во Штипската болница. Вработените во ЦУК не обезбедија возило за транспорт на сточар од кратовско село, па лекарите го носеле на раце 5 часа низ планина за да го пренесат во болница. Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов, кажа дека работата на комисијата за расветлување на случајот во изминатите два дена покажала слабости во целиот систем за управување со кризи, а ако се утврди вина кај некој од учесниците во целата постапка, ќе понесе одговорност.
„Во овој момент, можам да кажам дека од страна Комисијата е констатирано дека од оперативецот во Кратово не е побарано хеликоптер и не е известена Дирекцијата за заштита и спасување, тоа е кршење на стандардните оперативни процедури и за истото ќе биде дадена дисциплинска постапка. Воедно, од хиерархиски надредените јас како директор на ЦУК не сум известен, бидејќи повеќе од сигурно доколку знаев за овој настан ќе побарав да биде вклучен хеликоптер при извлекувањето на лицето. Но, заради целосно расветлување на овој настан, одговорноста којашто неспорно постои кај нас, ќе ја бараме и на други места“, рече Ангелов, кој доставил барања до Министерството за здравство, МВР и Министерството за локална самоуправа, за да дадат одговор на прашањата за расветлување на случајот.
Ангелов рече дека само 4 месеци е на чело на институцијата и нема да си даде оставка, затоа што тоа го смета за дезертерство, туку ќе се насочи кон реформа на системот за управување со кризи. Најави дека на средината на јуни ќе започне со работа европскиот број 112, за кој Европската унија донирала 1,5 милион евра, а набавена е и опрема и завршена е обука за лицата кои ќе работат на овој број.
„За да не ни се случуваат вакви работи, ЦУК веќе неколку месеци работи на имплементација на повикувачкиот европски број 112, на кој на едно место граѓаните ќе можат да се јават и да пријават безбедносен или здравствен проблем. Овој процес е во тек, предходно беше закочен, и јас сум оптимист дека во текот на јуни овој број ќе стане функционален“, додаде Ангелов.
Вчера во Штипската болница, 63- годишниот маж почина, како последица на премрзнување и силно крварење во мозокот по мозочен удар. Случајот во јавноста го обелодени лекар од Итната медицинска помош во Кратово.
С. НИКОЛИЌ