ПОЧИНА СТОЧАРОТ ОД КРАТОВСКО КОГО ЛЕКАРИТЕ ГО НОСЕА НА РАЦЕ НИЗ ПЛАНИНА ЗА ДА ГО СПАСАТ ОТИ НАДЛЕЖНИТЕ ОДБИЈА ДА ПОМОГНАТ

    ПОЧИНА СТОЧАРОТ ОД КРАТОВСКО КОГО ЛЕКАРИТЕ ГО НОСЕА НА РАЦЕ НИЗ ПЛАНИНА ЗА ДА ГО СПАСАТ ОТИ НАДЛЕЖНИТЕ ОДБИЈА ДА ПОМОГНАТ63-годишниот овчар починакако последица на тешки смрзнатини и силно крварење во мозокот, поради што лекарите во Штипската болница не можеле да го спасат. (Фото: Фејсбук на д-р Павле Зафиров)

    Почина сточарот од кратовското село Емирица, кој минатата недела на раце беше носен 5 километри низ планината од екипа на Итна медицинска помош во Кратово, затоа што надлежните институции не обезбедија возило за негов транспорт. Портпаролот на Штипската болница Марина Шуманска потврди дека лицето на 63-годишна возраст починало како последица на тешки смрзнатини и силно крварење во мозокот, поради што лекарите не можеле да го спасат.

    Сточарот минатата среда во текот на ноќта излегол во обиколка на стадотото, при што му се слошило и паднал покрај куќата. Го нашла неговата 90-годишна мајка, која немала сила да го крене и цела ноќ останала покрај него обидувајќи се да го загрее. По 12 часови помината на поларните температури, таа дури утрината се снашла да повика помош по мобилен телефон.

    Лекарска екипа од Здравствениот дом во Кратово тргнала да му пружи помош, но настанала драма кога со возилото не можело да помине од високите наноси на снег. Продолжиле пешки до неговата куќа, но откако виделе во каква состојба се наоѓа пациентот веднаш побарале помош од надлежните државни и локални служби. Откако никој не успеал да обезбеди џип, лекарот Павле Зафиров одлучил пациентот да го носат на раце на импровизирано носило.

    „Ние четворицата околу 5 часа на раце го носевме пациентот по козји патеки, низ екстеремно стрмен предел и шума наместа затрупани со снег, преку река и низ угорница која ретко кој би се осмелил да ја помине пеш. На крајот, накај 19 часот успеавме да стигнеме до возилата и околу 20 часот да го транспортираме пациентот во Здравствен дом Пробиштип, каде дежурната екипа без збор и прашање го презеде пациентот и го однесе во Штип. Доживеав 90-годишна мајка низ солзи и лелеци да нè моли да го спасиме нејзиниот син носејќи го на грб по истите козји патеки, по кои таа им носела храна на партизаните кои со крв ја изградиле денешната држава која не сакаше да му помогне на син и“, пишува д-р Зафиров, кој драмата ја објави на Фејзбук и праша колку вреди човечкиот живот во нашата држава, и побара одговорност од надлежните институции.

    Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангеловвчера кажа дека дека оперативниот службеник во ЦУК во Кратово ги преземал сите мерки за да обезбеди џип и се јавил во Полицијата, Противпожарната единица, Јавното претпријатие Македонски шуми, во ЕВН и во Комуналното претпријатие, но сите го одбиле. Сепак, Ангелов призна дека вработениот самоиницијативно можел да побара хеликоптер и тој за кратко време да стигне, но бил фокусиран на барањето на лекарскиот тим да најде теренско возило.

    Од ЦУК вчера најавија дека ќе формираат комисија за утврдување на одговорноста, а денеска, 6 часа по смртта на сточарот, соопштија дека „преминале од зборови на дело“ и почнала работата на комисијата за случајот спасување во Кратовско.

    „Како и што најави на вчерашната прес-конфернција, Стојанче Ангелов, в. д. директорот на Центарот за управување со кризи, почна со работа вчерашно формираната Комисија за утврдување на правилност во примената на СОП за работа на Регионалните центри за управување со кризи Кратово (5/8) и Куманово (7/24). Тоа е дел од преземените активности на ЦУК, заради целосно расветлување на случајот на координацијата на давањето помош на медицинскиот тим во Кратовско којшто го спаси премрзнатиот сточар од с. Емирица. Комисијата, детално ќе го испита овој случај и ќе утврди дали постојат пропусти и слабости кај нас во ЦУК или во другите институции од Системот за управување со кризии, за истите да бидат надминати во иднина. Центарот за управување со кризи, ЦУК, помина од зборови на дело – почна работата на Комисијата за случајот спасување премрзнато лице во Кратовско што предизвика големо внимание во јавноста и што отвори повеќе прашања во општеството. ЦУК, во рамки на своите надлежности, се ангажира и работи за да се зголемат сестрано можностите, процедурите и капацитетите во системот за управување со кризи коишто се важни за спасување на животи“, се вели во соопштението од ЦУК.

    С. НИКОЛИЌ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира