Малта ќе им нуди на странските туристи по 200 евра од човек за да останат минимум три дена летово на медитеранскиот остров. Министерот за туризам Клејтон Бартоло изјави дека се очекува рестрикциите протов ковид-19 да бидат олеснети до 1 јуни, и туристите ќе ги добијат парите откако ќе ги резервираат летните одмори директно преку локалните хотели.
Податоците на Светскиот совет за патувања и туризам покажуваат дека овој сектор директно и индиректно е вклучен во 27 отсто од економоијата во Малта, но и дека е особено погоден поради пандемијата на ковид-19.
Во 2019 земјата ја посетиле повеќе од 2.7 милиони туристи, но лани бројките паднаа за над 80 отсто.
Бартоло рече дека туристите кои ќе резервираат сместување во хотел со пет ѕвезди ќе добијат по 100 евра од Агенцијата за туризам на Малта, што ќе се надоместат од хотелот до вкупната вредност од 200 евра. На сличен начин, за резервации во хотел од четири ѕвезди ќе добијат по 150 евра, а во хотел со три ѕвезди, 100 евра. Грантот ќе расте за 10 отсто за резервации кои ќе се прават за хотелите во малиот остров Гозо, кој е на 3 километри оддалечен од Малта.
Со ова се очекува да се привлечат околу 35 илјади посетители.
Малта ја има една од највисоките стапки на вакцинација против ковид-19 во Европската Унија, со вакцинирани 42 отсто од возрасното население.