Просторот на паркингот кај „Холидеј ин“ ќе стане модерен центар со многу јавни површини, зеленило и ќе биде гордост на Скопје, кажаа инвеститорите од фирмата „МГ Фешн“ на денешната презентација на проектот и изгледот на три згради од 15, 20 и 22 ката на само една од трите градежни парцели. Проектот го презентираа управителот на „МГ Фешн“ Илија Божиновски и архитектите кои го изработија Мартин Пановски и Јана Гугуловска.
Архитектите Гугуловска и Пановски кажаа дека површината за градба ќе биде 9.165 метри квадратни, а вкупната изградена површина 89.627 метри квадратни што е помалку од она што го дозволува Деталниот урбанистички план (ДУП). Ќе се градат две станбени згради и една деловна зграда. Станбените згради ќе бидат од 20 и 22 ката, со 400 станови и во нив ќе живеат околу 1.200 луѓе, а деловната зграда ќе биде со приземје и 16 ката. Станбените згради ќе гледаат кон Кеј 13 Ноември оти како што кажаа архитектите тоа е помирен дел и ќе бидат продолжение на кулите од Градскиот трговски центар (ГТЦ). Паркирањето како што кажаа архитектите ќе биде решено подземно во парцелата иако ДУП-от дозволува тоа да се реши и во катната каража отспротива. Зградите ќе имаат подземни паркинзи три нивоа под земја или вкупно 969 паркинг места.
„Воизлата се под земја за да се ослободи просторот за пешачко движење не само за жителите во зградите туку и на граѓаните“, кажа Пановски.
Влез и излез на возилата е предвидено да има подземно преку улицата Мирче Ацев, која би требало да прерасне во булевар со 4 ленти, а излезот ќе има и на улицата до кејот на реката Вардар, која сега е еднонасочна и е калдрма. Меѓу зградите ќе биде изградена нова пешачка улица која како што кажа Пановски ќе стане едно ново место, една Чаршија и со неа ќе се поврзе движењето од ГТЦ и од кејот и која ќе води кон плоштадот кој се надева ќе стане парк.
„На оваа локација според Генералниот урбанистички план е предвидена подземна сообраќајница под кејот, а постоечката улица со калдрма намената и е да биде сервисна улица за жителите на овие згради“, рече Гугуловска.
„Не можеме ние да знаеме дали некој ќе прави нешто таму или не. Ако е така тогаш ништо не треба да се прави. Ние проектираме врз основа на тоа што е предвидено со ГУП-от и што и каква инфраструктура треба да изведе Град Скопје“, додаде Пановски.
Во рамките на парцелата е предвидено 6.520 метри квадратни зеленило кое е многу повеќе од она што е предвидено со законот и во оваа површина не влегува зеленилото на терасите на зградите. Божиновски рече дека бараат од Општина Центар да им дозволи плоштадот со фонтана кој е предвиден со ДУП-от, да се пренамени во парк и тие би известирале тоа да стане зелена оаза налик на светските метрополи. Кажаа дека Кејот во овој дел ќе остане нечепнат, но се спремни да инвестираат тој да добие нов, урбан и зелен изглед.
На парцелата број 1 која денес бее презентирана, но и на останатите две градежни парцели со Деталниот план не се предвидени локации за градинка и училиште.
„Во радиус од 100 метри имате две школи и две градинки. Ако некој сака може да отвори приватно школо или градинка во деловниот простор, проектот тоа го дозволува“, кажа Божиновски од „МГ Фешн“.
„Моја претпоставка е дека во секој од објектите ќе имате градинка бидејќи домувањето е на едно повисоко ниво, значи не станува збор за социјално домување, станува збор за објекти кои ќе имаат тековно одржување. Во центар на град е сосема нормално да се стави градинка во приземје или мезанин. За училиште ние побаравме податоци колку деца учат во околните училишта, но никој од надлежните не ни даде таква бројка“, додаде Пановски.
Во однос на петицијата на граѓани и архитекти да се стопира градењето на зградите и да се распише меѓународен конкурст за изгледот на цела парцела и содржините во неа, Гугуловска рече дека таа петиција била врз основа на лажен и нереален проект и дека јавноста била изманипулирана со макета од огромни згради што не е реалната слика на просторот и е спротивна на решението кое тие го нудат.
А. АНТЕВСКА