САД ПОБАРАА ОД СПАСОВСКИ ДА ГО ЗАШТИТИ ИНТЕГРИТЕТОТ НА СИСТЕМОТ ЗА ИЗДАВАЊЕ ПАСОШИ

    САД ПОБАРАА ОД СПАСОВСКИ ДА ГО ЗАШТИТИ ИНТЕГРИТЕТОТ НА СИСТЕМОТ ЗА ИЗДАВАЊЕ ПАСОШИАмбасадорката Брнз и министерот Спасовски се согласија дека е важно да се изолира овој и другите неодамнешни случаи од политиката и да се осигура независна и брза истрага. (Фото: Амбасада на САД)

    Американската амбасадорка Кејт Брнз на денешната средба му нагласи на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски дека е многу важно да го заштити интегритетот на системот за издавање пасоши на Северна Македонија, соопшти Американската амбасада во Скопје.

    „Свесни за комплексноста на случајот со пасошите и потребата да се осигура темелна истрага, амбасадорката ја нагласи важноста да се заштити интегритетот на системот за издавање пасоши на Северна Македонија. Амбасадорката и министерот се согласија дека е важно да се изолира овој и другите неодамнешни случаи од политиката и да се осигура независна и брза истрага“, се вели во соопштението по средбата на Спасовски и Брнз.

    Од Американската амбасада додаваат дека три децении, со различни влади, Амбасадата на САД е партнер на министерството за внатрешни работи, како и на другите владини министерства и институции во Северна Македонија за остварување на заедничките цели во спроведување на законот и владеење на правото, вклучувајќи техничка и форензичка поддршка на специфични случаи и обука и опрема за зајакнување на капацитетите на институциите.

    „Сите овие активности придонесуваат за зголемена безбедност, поголема транспарентност и способност да се истражува и гони јавна корупција и тероризам, како и случаи на транснационален и организиран криминал“, велат од Амбасадата на САД.

    МВР имаше американска помош во акцијата во која на 6 април беа уапсени деветмина полициски службеници, вработени во пасошкото одделение на МВР, кои продавале патни исправи со туѓ идентитет на странски државјани и на криминалци барани со меѓународна потерница. Групата изработила 215 македонски пасоши со туѓ идентитет, а од нив, 214 биле за странски државјани, а само еден за наш.

    Обвинителството завчера поднесе обвинение против 10-темина членови на организираната група од Пасошкото одделение во МВР. Се работи за обвинителен предлог (каде казните за кривичните дела се до 5 години затвор), со кој се опфатени 11 лица во врска со злоупотреби извршени при издавањето патни исправи со слика на клиенти-криминалци, под кои биле печатени туѓи матични броеви и други лични податоци.Со поднесеното обвинение, 10 лица се обвинети за продолжено кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик, а едно лице (кое е во бегство и се бара со потерница) е обвинето за поттикнување при извршувањето на истото кривично дело.

    „Обвинителството продолжува да истражува за вмешаност и на други лица во издавањето на нелегалните патни исправи. Па така, надлежниот јавен обвинител до Министерството за внатрешни работи издаде Наредба за да се утврди кои лица во организационите единици на МВР за издавање пасоши, според хиерархиска поставеност, биле обврзани да вршат надзор врз издавањето на пасошите, вклучувајќи ги и наведените спорни пaсоши, во целиот критичен период. Ќе треба да се утврди кои вработени во МВР, освен сега обвинетите, имаат пристап до личните податоци (имиња, ЕМБГ и адреси) на државјани на Република Северна Македонија кои немаат извадено патни исправи. Понатаму, МВР е задолжено преку своите инструменти во државата и во странство да провери дали и кога спорните пасоши биле употребувани на домашни и странски гранични премини, а воедно да направи и други проверки и се ова да го документира со писмени докази“, соопшти завчера Обвинителството.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира