КРИМИНАЛЦИТЕ БАРАНИ СО ПОТЕРНИЦА САМО СЕ СЛИКАЛЕ ЗА ПАСОШ, ИДЕНТИТЕТОТ ИМ ГО ДАВАЛЕ 10-ТЕМИНА ОД ПАСОШКОТО ВО МВР, КОИ ДОБИЈА ОБВИНЕНИЕ

    КРИМИНАЛЦИТЕ БАРАНИ СО ПОТЕРНИЦА САМО СЕ СЛИКАЛЕ ЗА ПАСОШ, ИДЕНТИТЕТОТ ИМ ГО ДАВАЛЕ 10-ТЕМИНА ОД ПАСОШКОТО ВО МВР, КОИ ДОБИЈА ОБВИНЕНИЕМВР распиша потерница за посредникот и поттикнувач Раиф Мифтари, кој уште е во бегство. (Фото: МВР)

    Полицијата минатата недела ги уапси 10-темина членови на организираната група од Пасошкото одделение во МВР кои издавале патни исправи на криминалци со крадење туѓ идентитет, а веќе денеска до судот Обвинителот што даде наредба за акцијата им поднесе обвинение. Се работи за обвинителен предлог (каде казните за кривичните дела се до 5 години затвор), со кој се опфатени 11 лица во врска со злоупотреби извршени при издавањето патни исправи со слика на клиенти-криминалци, под кои биле печатени туѓи матични броеви и други лични податоци.

    Со поднесеното обвинение, 10 лица се обвинети за продолжено кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик, а едно лице е обвинето за поттикнување при извршувањето на истото кривично дело.

    Обвинетите, како службени лица вработени на различни позиции во МВР – Одделение за управни работи Скопје, поттикнати од обвинетиот Раиф Мифтари, кој е недостапен на органите на прогон, во период од средината на јуни 2017 до крајот на 2020 година, 215 пати, со искористување на својата службена положба и овластување, прибавиле за себе материјална корист, правејќи (215) лажни јавни исправи со намера таквите исправи да се употребат како вистински.

    Притоа употребиле податоци за идентитети на лица, државјани на Република Северна Македонија, кои до сега не побарале и не се стекнале со македонска биометриска патна исправа, а се иселени од Македонија или од раѓање живеат во странство. Вториот услов бил да не влегле никогаш во Македонија, но поседуваат македонско државјанство.

    Потоа, обвинетите ги користеле податоците на овие лица за изработка на патни исправи со вметнување на фотографии од баратели на патни исправи кои poради криминални активности се бараат со меѓународни потерници. Тие баратели потоа имале намера да ги употребат нелегалните македонски пасоши при премин на државни граници, легитимирајќи се со македонската патна исправа и прикривајќи го својот вистински идентитет.

    Со тоа, обвинетите овозможиле на незаконски начин 214 странски и еден македонски државјанин да се стекнат со патни исправи на РСМ под туѓ идентитет.

    Пасошите биле издавани заобиколувајќи ја постапката за издавање на патни исправи, визи и евиденција од Законот за патни исправи на државјаните на Македонија, спротивно на Упатството за начините на спроведување на постапката за издавање на патна исправа, во најголем број случаи без закажан термин за фотографирање преку систем „Симболико“, без проверка на идентитетот на подносителот на барањето со постоечките податоци во централниот систем, спротивно на Упатството за земање на биометриски податоци и приложени докази и соодветност на податоците кон барањето, без почитување на предвидените рокови за изработка и издавање на патни исправи и утврдување на идентитетот на подносителот на барањето.

    Јавниот обвинител за седуммина обвинети, меѓу кои и лицето недостапно на органите на прогонот, побара продолжување на претходно определената мерка притвор. Едно лице од претходно е во притвор во постапка за друго кривично дело. За тројца на сила се определени мерки на претпазливост.

    „Обвинителството продолжува да истражува за вмешаност и на други лица во издавањето на нелегалните патни исправи. Па така, надлежниот јавен обвинител до Министерството за внатрешни работи издаде Наредба за да се утврди кои лица во организационите единици на МВР за издавање пасоши, според хиерархиска поставеност, биле обврзани да вршат надзор врз издавањето на пасошите, вклучувајќи ги и наведените спорни пaсоши, во целиот критичен период. Ќе треба да се утврди кои вработени во МВР, освен сега обвинетите, имаат пристап до личните податоци (имиња, ЕМБГ и адреси) на државјани на Република Северна Македонија кои немаат извадено патни исправи. Понатаму, МВР е задолжено преку своите инструменти во државата и во странство да провери дали и кога спорните пасоши биле употребувани на домашни и странски гранични премини, а воедно да направи и други проверки и се ова да го документира со писмени докази“, соопшти Обвинителството.

    Јавното обвинителство вели дека интензивно ќе обезбедува докази со испитување лица кои имаат податоци околу издавањето на спорните пасоши.​

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира