ОД 16 ФЕВРУАРИ НЕМА КОМИСИЈА ЗА ТРУД И СОЦИЈАЛА, ПА КАКО ДА СЕ ДОНЕСАТ ИЗМЕНИ ЗА ДЕЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ, СЕ ПОЖАЛИ ТАЛАТ ЏАФЕРИ ОД НЕРАБОТНИЦИТЕ ВО ПАРЛАМЕНТОТ

    ОД 16 ФЕВРУАРИ НЕМА КОМИСИЈА ЗА ТРУД И СОЦИЈАЛА, ПА КАКО ДА СЕ ДОНЕСАТ ИЗМЕНИ ЗА ДЕЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ, СЕ ПОЖАЛИ ТАЛАТ ЏАФЕРИ ОД НЕРАБОТНИЦИТЕ ВО ПАРЛАМЕНТОТКако таа седница за да се донесат законските измени во корист на децата со попреченост да се одржи, кога два месеца не се состанува матичната комисија?, прашува спикерот (Фото: Фејсбук)

    Погоден од тоа дека тој терал инает со седниците, дозволувајќи болни пратеници од коронавирус да дојдат вчера и да помогнат да се изгласаат точките и законите од две седници, претседателот на Собранието Талат Џафери ја илустрираше накратко целата мрза на пратениците платени со народни пари како за месечни примања, така и за големи суми патни трошоци. За илустрација, кажа суров пример за незаинтересираноста кон децата со попреченост, која трае со месеци.

    „Имате случај со точка за децата со попреченост. Од 16.02. не е одржана комисијата. Како таа седница да се одржи кога два месеца не се одржува матичната комисија? И после, претседателот наметнува динамика. Ништо не наметнува претседателот!“, рече спикерот Џафери.

    Претседател на Комисијата за труд и социјална политика е Хусни Исмаили (лекар специјалист) од Алијанса/Алтернатива, а заменик му е сопартиецот Скендер Реџепи, кој кажа дека граѓаните може да истрпат без плата да земат, ама без државјанство не можат.

    Потоа, Џафери илустрираше со денешен обид да се блокира и Комисијата за финансирање и буџет за точки кои треба да им дадат нови олеснувања на фирмите и газдите да се мотивираат да плаќаат поголеми суми за регрес, или К-15.

    „Задутре треба да се одржи 39. седница. На таа седница има две точки во редовна постапка. Едната е Комисијата за финансирање и буџет, другата е за транспорт и врски. Комисијата за финансирање и буџет била закажана за денеска, пратениците тргнале на пат за денес, а се известени се дека нема да се одржи, се презакажува за утре. Деловникот вика дека мора да има 3 дена простор меѓу прво читање и седница. А уште откога е закажана седницата за 21. 04.(среда)! Зошто не е закажана седницата уште во петокот, за да се исполнат тие 3 дена разлика?“ праша Џафери.

    Претседател на Комисијата за финансирање и буџет е пратеникот Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ.

    Потоа, Џафери жестоко ги негираше сите, како што рече, небулози дека тој терал инает за седници кои по секоја цена сметал дека треба да се одржат, носејќи болни пратеници во скафандер.

    „Знаете дека 20-ина седници од конституирањето на Собранието не се завршени. А не се завршени зашто матичните тела, комисиите, ги немаат ни разгледано. Башка 32. и 36. седница кои опозицијата сака да ги прикаже како мој инает, а во стварноста не е така, зашто јас не се водам од инаетот, туку од процедурите и од роковникот кој е пропишан. Работиме на 32. седница, а меѓу точките е и Националната стратегија за борбата против корупција, има уште 10 пратеници пријавени за дискусија. Одеднаш им текнува на опозицијата, конкретно на ВМРО-ДПМНЕ, бараат да се прекине 32. седница, да се закаже 36. за економската помош за фирмите и работниците. Им реков повлечете ги дискутантите за 32-ра и да ја завршиме, да ги изгласаме точките. Не го сторија тоа. Па јас како претседател, ако се раководам од принципот – прекини тука, продолжи, закажи ваму, по барање на опозицијата, тогаш веќе се ремети тоа што е улога на претседателот на Собранието – да не зависи од моите надлежности, туку од условувањето на опозицијата!“, кажа денеска Џафери.

    Обврска на секој пратеник, потсети тој, е да биде присутен и при работа, и при расправа, и при одлучување во Собранието. Тоа е право и обврска на пратеникот да биде присутен на седницата, укажа Џафери.

    Тој ја пофали добрата волја на Алијанса/Алтернатива со смс пораки дека ќе присуствуваат на 32., па потоа и на 36. седница, но рече дека официјално не бил известен, па согласно протоколот од Комисијата за заштита од заразни болести за Парламентот во услови на работење во пандемија, дозволил двајца заразени пратеници да дојдат во кордон во скафандер.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира