Полицискиот час од 27 април до 15 мај да почнува од 21 часот, а угостителските објекти да ги отворат само летните тераси за гостите, е новиот предлог на Главниот координативен кризен штаб до Владата. Штабот препорачува тековните мерки со полициски час од 20 до 5 часот и затворени кафулиња и ресторани да продолжат да важат до 27 април.
Рестрикциите во движење и работа на угостителските објекти, кладилниците, хотелите беа донесени на 6 април поради сериозната ситуација со ковид-19 во однос на бројот на новозаболени и хоспитализирани пациенти. Одлуката, како што соопшти тогаш Владата, се однесува до 21 април.
Во случај на потврдување на трендот на опаѓање, Главниот координативен кризен штаб ќе ја разгледа можноста за предлог за намалување на рестрикциите, исклучиво во случај на континуитет во падот на бројот на заразени и бројот на хоспитализирани лица и тоа конкретно за:
- Во периодот од 27 април 2021 година (вторник), заклучно со 15 мај 2021 година (сабота), да се отворат угостителските објекти за работа со посетители/гости во отворениот дел од угостителскиот објект (само летни тераси, градини, а не во затворениот дел);
- Забраната и посебниот режим на движење да почнува од 21:00 часот до 05:00 часот наредниот ден;
- Да ги разгледа можностите при намалување на рестриктивните мерки да се дозволи организирање на спортски тренинзи организирани од страна на фитнес центри/клубови на отворен простор (наместо во затворена спортска вежбална/сала);
Државната агенција МИА попладнево објави дека Комисијата за заразни болести препорачува полицискиот час да продолжи да важи од 20 до 5 часот и кафулињата и рестораните да останат затворени и во наредните седум дена.
Владата утре на седница ќе ја разгледа донесената препорака од Комисијата за заразни болести и од Главниот кризен штаб.
„На редовниот состанок со директорите на клиниките и Ковид-центрите направивме евалуација на состојбата во однос на хоспитализациите за време на викендот до денес. Состојбата е стабилна и постепено се намалува бројот на прием на пациенти. Се надеваме дека и натаму мерките ќе даваат резултат со оглед на тоа што и бројот на новодијагностицирани се намалува, во очекување сме ситуацијата да продолжи да се стабилизира“, објави денеска на Фејсбук министерот за здравство Венко Филипче.
Според последните податоци од Министерството за здравство, на Инфективните оддели во Скопје и во болниците низ земјава ележат 1.663 и има околу 380 празни болнички кревети во Ковид-центрите. Во моментов активни болни се 19.841, од кои во Скопје се 8.968. Вкупно починати досега се 4.443 болни од ковид-19.
Б. НЕСТОРОСКА