Легендарната американска кореографка и танчерка Каролин Карлсон е годинешна добитничка на наградата Менада за животно дело и врвни остварувања во областа на танцот на фестивалот Танц фест Скопје 2021.
Карлсон е кореографка и танчерка која го смени текот на развојот на современиот танц во 20 век, со нејзината креативност и работа, посебно кога во 1974 доби покана да работи во Париската опера, со специјално креирана титула за неа „звезда-кореографка“, и добива простор за развој на своите идеи преку театарската истражувачка група „ГРТОП“. Во 2006, Карлсон доби Златен лав на Биеналето во Венеција, со што станува првата кореографка чија работа е наградена со оваа престижна награда. Со нејзината претстава „Ритуал за мртвиот сон“, изведена на Фестивалот во Авињон во 1972, Каролин испишува своевиден поетски манифест со кој се дефинира пристапот во нејзината работа на кој се придржува оттогаш: „танц кој е силно ориентиран кон филозофијата и духовноста“. Карлсон за своите креации го претпочита терминот визуелна поезија.
„Со прифаќањето на наградата Менада од оваа легендарна уметничка, Танц фест уште еднаш ја потврдува својата позиција на извонредност на светската танцова сцена и заложбите за развој на современиот танц кај нас, но и наша презентација низ светот“, велат од фестивалот.
Родена Американка и натурализирана Французинка, таа за себе вели дека пред сè е номад, неуморен патник кој секогаш настојува да го развие и сподели својот поетски универзум. Карлсон има значително влијание и успех во многу европски земји. Таа игра клучна улога во раѓањето на францускиот и италијанскиот современ танц. Создава над 100 претстави, од кои голем број се сметаат за исклучителни дела кои го одбележуваат развојот на современиот танц и имаат посебно место во историјата на танцот. Карлсон активно работи и патува низ целиот свет со своите креации и истражува нови форми.