Инструмент на роверот „Персеверанс“ успеа да произведе кислород од јаглероден диоксид од атмосферата на Марс.
Тоа е втората успешна технолошка демонстрација на мисијата на НАСА, откако во понеделникот беше изведен лет со хеликоптер на Марс.
Инструментот со големина на тостер наречен „мокси“ произвел пет грама кислород, колку што на астронаут би му било доволно да дише околу десет минути на Марс. НАСА верува дека идни човечки мисии на Марс би се снабдувале со кислород преку големи верзии на „мокси“, место тој да се носи од Земја.
Атмосферата на Марс е составена од 96% јаглероден диоксид, додека кислородот е застапен со само 0,13%.
„Мокси“ е способен да соголува атоми на кислород од молекулите на јаглероден диоксид, а како отпад се добива јаглероден моноксид, кој се испушта во атмосферата на Марс. Инженерите на НАСА очекуваат тој да произведува десет грама кислород за еден час.