ТОДОРОВИЌ И ЖЕРНОВСКИ ЗА ПЛАНОТ КАЈ „ХОЛИДЕЈ ИН“ ВО СКОПЈЕ ЈА ЗЛОУПОТРЕБИЛЕ СЛУЖБЕНАТА ПОЛОЖБА, АНТИКОРУПЦИСКА БАРА ОБВИНИТЕЛСТВОТО ДА ОТВОРИ ПРЕДМЕТ

    ТОДОРОВИЌ И ЖЕРНОВСКИ ЗА ПЛАНОТ КАЈ „ХОЛИДЕЈ ИН“ ВО СКОПЈЕ ЈА ЗЛОУПОТРЕБИЛЕ СЛУЖБЕНАТА ПОЛОЖБА, АНТИКОРУПЦИСКА БАРА ОБВИНИТЕЛСТВОТО ДА ОТВОРИ ПРЕДМЕТАнтикорупционерите сметаат дека во носење на овој ДУП сторени се повреди како од планерите, така и од вработените во Општина Центар, Градот Скопје и Министерството за транспорт и врски, кои ги занемариле ваквите пропусти и со тоа овозможиле донесување на ДУП кој е спротивен на законските прописи. (Фото: СДК.МК)

    Антикорупциската комисија поведе иницијатива до Јавното обвинителство да покрена постапка за донесувањето на Деталниот урбанистички план (ДУП) кај „Холидеј ин“ во најстрогиот центар на Скопје. Антикорупционерите сметаат дека во носење на овој ДУП сторени се повреди како од планерите, кои како професионалци од областа се обврзани да постапуваат според правилата на струката и законските прописи, така и од вработените во Општина Центар, Градот Скопје и Министерството за транспорт и врски кои ги занемариле ваквите пропусти и со тоа овозможиле донесување на ДУП кој е спротивен на законските прописи.

    „Поради постоење на основи на сомнение дека сториле кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 3 в. в. став 1 од Кривичниот законик, до Јавното обвинителство доставуваме иницијатива за поведување постапка за утврдување на одговорност на службени лица кои со своето постапување или непостапување придонеле во 2012 година да се донесе ДУП неусогласен со Генералниот урбанистички план (ГУП) и да се реализира имотна корист кај сегашните сопственици на парцела која е дел од ДУП Ц08“, рече на денешната седница претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска.

    Како што кажа Ивановска, одговорност се бара од градоначалникот на Општина Центар во период од 2009-2013 Владимир Тодоровиќ, градоначалникот на Општина Центар во период од  2013-2017 Андреј Жерновски, раководител на Сектор за урбанизам во Општина Центар во периодот 2012, раководител на Сектор за уредување на просторот во Министерството за транспорт и врски, помошник-раководител на сектор за планирање и уредување на просторот на Град Скопје и двајца овластени планери и овластеното лице на правно лице ДПУП „Билд“ кои го изработувале планот.

    „Во постапката за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план за период 2012-2017 ја злоупотребиле својата службена положба и ги пречекориле границите на службеното овластување, постапувајќи спротивно на член 11 став 7 од Законот за просторно и урбанистичко планирање и со тоа прибавиле значителна имотна корист за сопствениците на градежната парцела 1.1. Во својство на овластени планери во правното лице ДПУП Билд ДООЕЛ Скопје, иако знаеле дека согласно член 11 став 7 од Законот за просторно и урбанистичко планирање деталниот урбанистички план, како план на пониско ниво, мора да биде усогласен со Генералниот урбанистички план, сепак постапувајќи,  предвиделе поголема густина на населеност од 500 жители по хектар, спротивно на густината која ја предвидел ГУП од 2002 што тогаш бил во важност, така што не го усогласиле Деталниот урбанистички план со Генералниот урбанистички план“ вели Ивановска.

    Овој ДУП како што кажа Ивановска овозможил правните лица „МГ Фешн“ и „Обновители“ како сопственици на градежната парцела 1.1. да прибават значителна имотна корист, која се состои од правото на приватизација на државно земјиште, со кое се стекнале со право на сопственост плаќајќи приоритетна цена иако реалната пазарна цена на земјиштето е од драстично поголема вредност и се квалификува како значителна вредност и со право за добивање на дозвола за градба и реализација на градежен објект од големи размери, со кој понатаму би се стекнале со значителна имотна корист.

    „Со опишаните дејствија сметаме дека постојат основи на сомнение дека службените лица сториле кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување поради што му предлагаме на Јавното обвинителство да ги преземе сите истражни дејствија, да ги обезбеди сите неопходни докази, да ги утврди сите релевантни факти и да донесе законита и правична јавно-обвинителска одлука“, вели Ивановска.

    За просторот кај „Холидеј ин“, односно првата од трите градежни парцели, фирмата МГ Фешн“ и Македонската православна црква (МПЦ-ОА) имаат проект за изградба на три згради од 16, 20 и 22 ката. За зградата од 20 ката која ќе се гради на парцелата на МПЦ што всушност го затвора приодот кон реката Вардар ,проектот е одобрен од Општина Центар, инвеститорите платија комуналии од 2,4 милиони евра на Општина Центар и Град Скопје и сега секој ден се чека да им стане дозволата за градба правосилна.

    Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ, иако има право да донесе решение за суспензија на планот, нешто што го бараат архитекти и граѓански иницијативи, тоа не го прави. Уште не е закажана седница на Советот на Општина Центар за да се донесе ваква одлука, ниту се знае кога ќе се закаже. Богдановииќ денеска само кусо ни одговори „Ќе бидете информирани кога ќе биде закажана седница“.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира