Комисијата за заразни болести предлага полицискиот час од среда, 28 април, да почнува од 21 часот и да трае до 5 часот, објави Државната агенција МИА. Комисијата ќе го достави предлогот до Владата, која за него треба да одлучи на седница. Владата треба да реши и дали ќе бидат отворени летните тераси на угостителските објекти.
Главниот координативен кризен штаб до Владата минатата недела предложи полицискиот час од 27 април до 15 мај да почнува од 21 часот, а угостителските објекти да ги отворат само летните тераси за гостите.
Рестрикциите во движење и работа на угостителските објекти, кладилниците, хотелите беа донесени на 6 април поради сериозната ситуација со ковид-19 во однос на бројот на новозаболени и хоспитализирани пациенти.
Вкупно ковид дијагностицирани досега се 150.588, од кои оздравени се 129.053, починати 4.677, а активни се 16.858.
Б. НЕСТОРОСКА