„ОХРИД ПРЕД СÈ“ СО НЕЗАВИСНА ЛИСТА ЗА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ

    „ОХРИД ПРЕД СÈ“ СО НЕЗАВИСНА ЛИСТА ЗА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ„Охрид пред сè“ нема намера да предложи кандидат за градоначалник, велат од Иницијативата. (Фото: СДК.МК)

    За престојните локални избори, во Охрид е формиран нов Иницијативен одбор за поднесување листа на независни кандидати за членови на Советот на Општината. Мотото и називот на листата на независни кандидати е „Охрид пред сè“.  Според иницијаторите на листата составена од поранешниот пратеник на СДСМ Томе Чинговски, Димитар Велјаноски, Јован Мирчески, Никола Пројкоски, професорката Елизабета Баракоска, Лидија Стојановиќ, адвокатот Владо Чинговски, Рита Наранџоска, Горан Трајкоски, Ивица Будески, целта е Советот да работи за интересите на граѓаните, а не да води партиски политики и, како што велат, да биде продолжена рака на градоначалникот на Општината.

    „Целта е да партиципираме толку колку ќе успееме во Советот. Главниот мотив е Советот да го ставиме на она место кое го има со Законот за локална самоуправа, односно Советот да не биде продолжена рака на градоначалникот или пак на партиските политики кои не секогаш кореспондираат со интересите на граѓанита туку да биде орган кој ќе произлегува од Советот и ќе работи исклучиво за граѓаните. Советот е збир на советници избрани од страна на граѓаните и тој треба да ја има функцијата на парламентот, нормативната дејност, донесување одлуки, а со тоа и контрола на работата на градоначалникот и водење на локалните политики“, вели Владо Чингоски.

    Според него, листата на предложени советници е составена од лица кои се истакнати во општеството, но и активисти од повеќе политички партии.

    „Во овој Иницијативен одбор нема само личности од СДСМ. Тука се и граѓани кои никогаш не биле во политиката, стопанственици дури и од ВМРО-ДПМНЕ и од други политички партии. Ова не значи наше отцепување од СДСМ. Ова е само една граѓанска иницијатива со која сакаме да го позиционираме Советот на она место кое му припаѓа, да биде главниот играч на локалните политики и во донесувањето одлуки и во планирањето и развојот на Охрид. На листата се луѓе кои нема да работат по директива на партиите. Немаме намера да предложиме кандидат за градоначалник“, додава Чингоски.

    Основна цел на Иницијативниот одбор е подготовка на граѓанска листа „составена од професионалци, работливи, чесни и слободоумни охриѓани кои ќе го преземат управувањето со Советот на општината и ќе го претворат во место каде граѓаните реално ги решаваат своите локални проблеми“, велат од Иницијативата.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира