Овој викенд се навршуваат десет години од смртта на Осама бин Ладен, кој беше убиен од американски специјалци во пакистанскиот град Аботабад. Војната против тероризмот влегува во нова фаза додека Џо Бајден се подготвува да ги повлече сите американски војници од Авганистан до 11 септември, но Ал Каеда тврди дека нејзината војна против Америка е далеку од завршена.
Во ексклузивно интервју со Си-Ен-Ен, двајца оперативци на Ал Каеда велат дека „војната против САД ќе продолжи на сите фронтови, сѐ додека не бидат избркани од целиот исламски свет“. И покрај големите загуби во последно време, Ал Каеда најавува камбек откако САД ќе го напуштат Авганистан, уште еднаш во партнерство со Талибанците.
„Благодарение на заштитата од Авганистанците, многумина џихадисти долго време успешно дејствуваа во различни делови од исламскиот свет“, вели портпарол на Ал Каеда.
Она што го овозможи повлекувањето е договорот постигнат со Талибанците во февруари 2020, во кој тие ветуваат дека ќе ги прекинат врските со Ал Каеда. Таа сега вели дека Талибанците не биле целосно искрени со администрацијата на Бајден и повлекувањето е засновано врз измама. Талибанците засега немаат одговорено на овие тврдења.
Ал Каеда исто така тврди дека Авганистан веќе не ѝ е потребен како база за лансирање на нејзини идни напади.
„Американците се поразени, слично на Советски Сојуз пред три децении. Војната во Авганистан имаше клучна улога во кризата во американската економија“, велат од Ал Каеда.
Таа признава дека смртта на Бин Ладен и војната во Сирија ја ослабнале групата, која последниве години беше засенета од терористичките напади и злосторствата на Исламска држава.
„Ова е тактички молк. Ал Каеда не е скршена, туку води долга војна со различни етапи’, велат од групата.
Нејзин лидер сега е помалку харизматичниот Ајман ал-Завахири, кој може да се чуе само во пропагандни обраќања, а активна е во Јемен, Сирија, Сомалија, Северна Африка и други места.