ВО СКУПИ ЌЕ СЕ ИСТРАЖУВААТ РИМСКАТА ИМПЕРИЈАЛНА БАЊА И ГРАДСКАТА ВИЛА ОД ДОЦНАТА АНТИКА

    ВО СКУПИ ЌЕ СЕ ИСТРАЖУВААТ РИМСКАТА ИМПЕРИЈАЛНА БАЊА И ГРАДСКАТА ВИЛА ОД ДОЦНАТА АНТИКААктивностите се реализираат на дел од заштитеното подрачје од локалитетот, односно на делот со регулирани имотно-правни односи. (Фото: Музеј на Град Скопје)

    На две локации од локалитетот Скупи, едно од најголемите и највредни археолошки наоѓалишта од римско и доцноантичкото време во земјава, в среда ќе почнат археолошки истражувања, најавува Министерството за култура. Исто така, ќе се почне и со конзервацијата на дел од движните археолошки наоди од Скупи. Овие проекти ќе ги реализираат стручни екипи на Музејот на Град Скопје.

    Под водство на д-р Марина Ончевска-Тодоровска, археолог, кустос советник, ќе се реализира проектот Скупи – комплекс голем термален објект и голема ранохристијанска базилика со атриум (Скупи – комплекс терма и базилика со атриум). Овој проект предвидува археолошко истражување на централното градско јадро, на простор од еден градски кварт во кој се сместени двата големи објекта – римската империјална терма и ранохристијанската базилика со атриум.

    Исто така, под водство на Ленче Јованова, археолог, кустос советник, ќе се реализира проектот: Скупи – комплекс Градска вила (Вила урбана) и Базилика со крстилница, кој предвидува систематски археолошки ископувања на културната стратиграфија на две градби од централното градско подрачје на римската колонија Скупи: Градска вила која егзистирала од империјалниот до доцноантичкиот период и Ранохристијанска базилика со крстилница од 6. век.

    „Сиве овие активности (проекти) се реализираат на дел од заштитеното подрачје од локалитетот, односно на делот со регулирани имотно-правни односи, кој е во владение на Музејот, (т. н. Археолошки парк Скупи)“, додава Министерството.

    Проектите се очекува да завршат до 30 декември .

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира