Ги разеленуваат дворовите со големи тревници, садат ружи, борови високи по неколку метри. Создаваат зелени оази за да добијат некој кубик чист воздух. Секое разеленето парче земја има голема вредност под оџаците на РЕК „Битола“. Неколку стотици жители од општина Новаци живеат на километар до два од најголемиот произведувач на струја во Македонија. Ветерот некаде носи свежина, но тука прашина и непријатна миризба. Жителите се жалат дека се страдни да отворат прозорец оти во домовите им влегува загадениот воздух.
Зборуваат само пензионерите, другите се вработени во РЕК
-Премногу е загадено. Наутро кога ќе станеш како да има буре нафталин истурено, ете толку многу смрди. И навечер си страден да отвориш прозорец дури и во најтоплите летни денови. Кога спиеме мора да е се затворено, и врати и прозорци. Загадувањето се чувствува и врз здравјето, се јавуваат кашлици – вели Вангел Трајковски, пензионер од Новаци.
Тој е еден од ретките кој со име и презиме зборува на оваа тема. Одевме од врата до врата, прашувавме како се дише во Новаци, за да добиеме пообјективна слика. Луѓето признаваат дека воздухот е загаден, но одбиваат јавно да зборуваат со образложение дека се вработени во РЕК, синот им работи таму, снаата, братот… Но, сепак, измолкнуваа зеленчуци од под пластениците и ни ги покажуваа за да направиме разлика со оние што се одгледуваат под отворено небо.
– Пластеник направив, ми е страв на отворено да одгледувам зеленчук, имам ќерка мажена во Скопје, им праќам храна. Колку толку, пластеникот штити. Одгледувам градинарски производи. Има разлика меѓу пиперката која е надвор од пластеникот и таа внатре. Оваа што е надвор се прави со флеки, најверојатно е резултат на загадувањето- вели еден од новачките земјоделци.
Во една од последните куќи до РЕК живее Аце Јовановски.
– Најдобро е да дојдете наутро во пет часот кога испарува чадот и кога ќе дојде сета загаденост тука до Новаци, Егри, Гермијан. Европски портали, пишуваат дека Битола е најзагаден град во Европа, а таа е на 11 километри од РЕК, замилете како ни е нам овде. Ние сме на еден километар од РЕК- вели Јовановски.
Пепелта им го опепелува животот
Додека разговаравме крај нас со голем брзина мина камион. Ова е единствениот асфалтен пат до РЕК, а воедно е и главната улица во Новаци низ која минуваат земјоделци, деца, сите жители.
-Овие цистерни земаат пепел од РЕК и ја превезуваат до фабрика во Скопје. Товарат по 25 тони, не ги затвораат доволно капаците, па ако дува северен ветар, пепелта се разнесува низ цело Новаци. В полиција ги имам пријавено, ништо не е преземено- рече Јовановски.
Тој се пожали и на далекуводот кој пренесува 6000 киловолти електрична енергија, а му минува непосредно во близина на куќата. Вели од неговото бучење сите дома имаат главоболки.
Како последица на работењето на термоцентралата РЕК „Битола“, постојано се создава големо количество отпад во вид на пепел и згура. Според податоци од научни истражувања објавени на интернет, годишно се депонираат околу 1,5 милиони тони ваков отпад. Депонијата на пепел и згура е од отворен тип и подложна на атмосферски влијанија.
-Како сите комбинати и вакви производствени капацитети, и РЕК испушта пред сè сулфур диоксид, а целиот процес создава и огромни колични пепел, кои заради несоодветно одлагање, се разнесуваат низ цела Пелагонија. Создава тешки метали, за кои има анализа во македонска лабораторија која зборува за катастрофалната состојба во која живееме – велат Илија Балтовски и Душко Груевски од здружението „За нас се работи“ кое пред неколку години ја започна борбата Битола и околината да добијат чист воздух.
– Младото населелени полека, но сигурно, од Новаци се отселува и мигрира кон Битола. Загрижува фактот дека сè почести се алергиите кај малите деца и честите белодробни воспаленија кај луѓето. Смртноста во просек е тука некаде како декада до две во минатото, но зголемен е бројот на смртни случаи во споредба со оние од пред активирањето на РЕК – велат тие.
22 милиони евра за здравствени трошоци
Здружението неодамна сними филм „BT –TOXIC“ посветен на аерозагадувањето, во кој експерти посочуваат дека термоелетраните ТЕЦ „Осломеј“ и РЕК „Битола“ ја чинат Македонија околу 22 милиони евра за здравствени трошоци за болести кои се последици од аерозагадувањето.
-Во овие бројки се вклучени повеќе трошоци: скратен работен век, смртност на новороденчиња, болнички приеми заради бронхитис, астма и заболување на долни дишни патишта, поради срцеви заболувања и загубени работни денови – вели Невена Смилевска од „Екосвест“.
Во филмот и медицинските лица потврдуваат дека загадувањето ја зголемува бројката на болни .
-Аерозагадувањето е причина за многу заболувања, примарно кај респираторните органи, но и кај кардиоваслуларниот систем. Делува кај крвните садови прави еден тип на артериосклероза и исхемичните болести на срцето и мозокот се, исто така, поврзани со аерозагадувањето, посебно кај постарата популација. Честичките имаат два аспекти, едниот е механички, а тоа е големината која го иритира белиот дроб и дава бронхит , а другиот има хемиски аспект. Ако се работи за класично загадување од јаглен, тогаш тоа е јагленов полнеж и тој е канцероген – вели Драган Ѓоргиев од Институтот за јавно здравје.
Секоја грејна сезона воздухот во битолската котлина е полн со ПМ 10 честички или ситна прашина која далбоко навлегува во респираторниот систем. Според податоците на Министерството за животна средина, во Битола во просек годишно има двојно повеќе денови од дозволените со зголемено присуство на ситна прашина. Истражувањата нарачани од Општината за квалитетот на воздухот, а спроведени од акредитираната лабораторија „Еуромак контрол“ покажаа дека ПМ 10 честичките содржат канцерогена состојка бензо алфа прирен. Концентрација која е дозволена согласно европската регулатива изнесува 1 нано грам на кубен метар, додека тука беше констатирано дневно присуство до 18 пати поголемо. Надлежните тврдеа дека не доаѓа од индустријата туку од оџаците на домаќинството и автомобилите.
Од РЕК велат дека загадуваат според европски директиви
Од РЕК „Битола“ велат дека загадувачките супстанци кои се испуштаат се мерат редовно и се во границите на дозволеното.
-Изградени се оџаци со висина од 250 метри заради овозможување на целосна дисперзија на загадувачките супстанци и намалување на нивната концетрација во воздухот. Монтирани се современи електростатски филтри со многу висок степен на прочистување со што се запазени најстрогите норми за заштита во Европа, а емисијата на штетни честички е сведена во рамките на дозволените граници. Овие филтри редовно се сервисираат и одржуваат- тврдат од РЕК.
Од комбинатот појаснуваат дека во последните пет години реализиран е проектот за модернизација, ревитализација и автоматизација на термоблоковите. Извршена е ревитализација и модернизација на котлите на два од вкупно три термоблокови во РЕК. Тоа придонесе за намалена емисија на азотни оксиди кои во моментов според вредностите се во целосна согласност со пропишаните строгите ЕУ директиви .
Од комбинатот информираат дека во моментов во тек се и активности за намалување на емисиите на сулфурен диоксид и прашина од РЕК. Во наредните две години се очекува емисијата на прашина и сулфур диоксид во РЕК Битола да биде сведена во рамките на дозволените граници во согласност со европската директива. Изработката на физибилити студијата е во завршна фаза, по што ќе следи период на подготовка на тендерската документација за избор на изведувач на проектот на терен.
– Како резултат на сите овие преземени активности, резултатите од мерењата на квалитетот на амбиенталниот воздух во околината на РЕК„Битола“ , што редовно се извршуваат на три пункта во околината на комбинатот покажуваат вредности кои се во рамките на дозволените граници- велат од РЕК.
Ж. ЗДРАВКОВСКА