Организаторите на Октоберфест, познатиот фестивал на пивото во Минхен, побрзаа да ги демантираат наводите во локалните медиуми дека настанот годинава ќе се пресели во Дубаи. Според извештаите во медиумите, направени биле планови фестивалот годинава да се одржи во Обединетите Арапски Емирати, поради состојбата со коронавирусот во Европа. Ваквите вести ги вознемирија Германците, кои го изразија своето незадоволство на социјалните мрежи, но организатироте велат дека тие немаат такви планови и инсистираат дека фестивалот ќе остане во Баварија.
„Неодамна, медиумите на германски јазик известуваат за планови на една приватна индивидуа Октоберфест да се одржи во Дубаи. Разни наслови сугерираат дека Октоберфест ќе се пресели од Минхен во Дубаи и дека ќе се одржи во пустина поради можното откажување годинава. Октоберфест му припаѓа на Минхен и се одржува само во Минхен“, соопштија од Одделот за труд и економија во Градот Минхен, кој го организира настанот.
Според планот, објавен во „Билд“, германски бизнисмен планира да го организира Октоберфест во Дубаи, со шатори, жива музика и мобилни пиварници. Октоберфест лани беше откажан поради пандемијата, а годинава сè уште не е одлучено дали ќе се одржи поради третиот бран на пандемијата на коронавирус.
Двонеделниот фестивал треба да почне на 18 септември.