ДЕЛЧЕВСКОТО СЕЛО ГРАД, НЕКОГАШ НАЈНАСЕЛЕНО ВО ПИЈАНЕЧКИОТ КРАЈ, ДЕНЕС ИМА ЕДВАЈ 200 ЖИТЕЛИ

    ДЕЛЧЕВСКОТО СЕЛО ГРАД, НЕКОГАШ НАЈНАСЕЛЕНО ВО ПИЈАНЕЧКИОТ КРАЈ, ДЕНЕС ИМА ЕДВАЈ 200 ЖИТЕЛИПорано селото Град вриело од луѓе, денес едвај може да се забележи човек по селските улици. (Фото: СДК.МК)

    Делчевското село Град, кое некогаш било едно од најнаселените во Пијанечкиот крај, денес е едно од најиселените. Од 1.000 жители колку што селото броело пред половина век, денес едвај има 200. Селото е на десетина километри од Делчево кон Пехчево на самата граница со  Бугарија, а некогаш било општина и најнаселено поради што и го добило името Град.

    Иселувањето се провлекува повеќе од половина век кога во селото постојано се намалувал бројот на жителите. Во 1960-те години селото Град имало 500-600 жители. Во изминатите години, селото бележи постојан тренд на иселување, главно во странство.

    Александар Стоев (лево) и Илија Златков (десно) жалат што селото Град од година во година се намалува и што младите заминуваат во странство. ( Фото: СДК.МК)

    Селото Град доживува неколку демографски процеси. Во минатиот век било населено претежно со муслиманско население. Но, по нивното враќање во Турција, Град почнало да се населува претежно со луѓе од Паланечкиот крај, па така селото почнало да ја менува националната структура и денес повеќе од 95 проценти населението е христијанско.

    Од година во година, бројот на жители се намалувал и поголем процент од населението што останало да живее во селото се од постарите генерации. Во Град има малку млади луѓе кои му пркосат на новото време, а повозрасните жители со восхит се присетуваат на убавото минато, но истовремено со носталгија зборуваат за најновата судбина што ги снашла.

    „Сите три деца ми се во странство. Се иселија во Италија и ќерката и синовите. Едниот син, машински инженер, немаше работа овде и мораше да бара егзистенција надвор. По него заминаа и останатите две деца. Бабичката ми почина и сега сум сам. Иако тука имам роднини и добри соселани, сепак семејната самотија ме убива“, со солзи во очите зборува 86-годишниот Александар Стоев кој кога работел во Делчево бил еден од најпознатите тишлери во регионот.

    „Работилницата и сега ја имам во дворот на куќата, ама што ми треба кога јас повеќе не можам да работам, а нема кој да ме наследи. Располагам со комплет апаратура и алат, но џабе е кога се пропаѓа“, со жалење додава Стоев.

    Неговиот сосед Илија Златков, кој има 66 години, како помлад врзува крај со крај, но и тој е со истата судбина оти  неговите деца заминале во странство. И двајцата велат дека порано било модерно да се напушти родното село за да се замине во некој поголем град во Македонија, во Делчево, Штип, Скопје, а сега како неопходна потреба заради егзистенција младите почнаа да одат во странство и ретко кој се вратил.

    Од поранешно богато сточарско село со развиено фармерство од повеќе десетици илјади грла крупен и ситен добиток, денес Град е со незабележително сточарство. Ретко која куќа одгледува нешто, главно се насочени на живина. Без разлика на составот на населението, жителите велат дека во селото и порано и сега секогаш постоел соживот во вистинската смисла на зборот.

    Селото Град доби кеј на селската река Скопчен. Насипот е направен да се скроти реката од надојдени води кога има поројни дождови. Боите на оградата се менуваат според владаејачката партија.  (Фото: СДК.МК)

    Во селото Град постои старата главна селска црква „Св. Ѓорги“, како и новата „Св. Архангел Михаил“ изградена на местото на старата истоимена црква. Како туристичка атракција е тврдината Градиште која се издига над селото. Тврдината била изградена во турско и била осматрачница и пушкарница. Над тврдината се наоѓа Коњска дупка најисточната пештера во Македонија. Неодамна бил изграден кеј на селската река и мост чија боја на оградата, како што велат селаните, се менува во зависност која е владејачката партија.

    Над селото Град се наоѓа планината Влаина и на само два километри е граничната линија со Бугарија. Жителите сметаат дека селото Град можело да има поинаква и поубава перспектива. Повозрасните селани зборуваат дека низ нивното село требало да минува железничката пруга кон Бугарија.

    „Уште во старо време почнал да се реализира проект за пробивање на тунел кај селото Град кој на неколку километри ќе излегувал во Бугарија. И двете страни почнале да го пробиваат ридот и биле ископани повеќе километри. Но, од непознати причини работите на тунелот престанаа, иако над нашето село се гледаат окната од тунелите што се пробиваа и за само неколку десетици метри не биле споени. Железничката пруга во тоа време беше проектирана да продолжи од Кочани до селото Град кон Бугарија. Но, кога се возобнови идејата за пруга кон Бугарија трасата се смени па отиде преку Крива Паланка“, велат останатите жители во селото Град.

    Тие, иако потекнуваат од паланечкиот крај и одамна се доселиле овде, жалат што пругата не се изградила во Источна Македонија и да минува низ областа Пијанец, а во селото Град да била главната железничка станица.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира