Доналд Трамп жестоко ги критикуваше социјалните мрежи откако надзорниот одбор на Фејсбук ја поддржа неговата суспензија од Фејсбук и Инстаграм. Таа засега останува на сила, но одборот заклучи дека одлуката за постојана суспензија била неразумна.
„Она што го направија Фејсбук, Гугл и Твитер е тотална срамота за нашата земја. Слободата на говорот е одземена од претседателот на САД зашто лудите радикални левичари се плашат од вистината, но таа ќе излезе на виделина поголема и посилна од порано“, се вели во соопштението на Трамп.
Фејсбук го суспендираше профилот на Трамп на 7 јануари, ден откако неговите приврзаници упаднаа во Конгресот, појаснувајќи дека две негови објави ги прекршиле препораките на платформата. Надзорниот одбор сега кажа дека Фејсбук оправдано ја донесол одлуката, но суспензијата не требало да биде постојана. Тој ѝ наложи на компанијата да спроведе шестмесечна анализа за да се утврди дали забраната може да се тргне.
„Немаме лесен одговор. Му кажуваме на Фејсбук да се врати назад и да биде потранспарентен за тоа како ги проценува овие работи. Недозволиво за Фејсбук е еден корисник да биде тргнат од платформата на неодредено време, без јасни критериуми кога и дали ќе биде вратен“, изјави копретседателката на одборот, Хеле Торнинг-Шмит.