ГЕРМАНИЈА ЈА ОДОБРИ КОВИД ВАКЦИНАТА НА „АСТРАЗЕНЕКА“ ЗА СИТЕ ВОЗРАСТИ

    ГЕРМАНИЈА ЈА ОДОБРИ КОВИД ВАКЦИНАТА НА „АСТРАЗЕНЕКА“ ЗА СИТЕ ВОЗРАСТИГерманија сака да ја забрза имунизацијата. Вакцинaција со „АстраЗенека“ во Скопје (Фото: Ѓ. Личовски)

    Ковид вакцината на „АстраЗенека“ веќе нема да им се дава само на лицата над 60 години во Германија, се договорија денеска сојузните и регионалните власти, туку ќе им биде достапна на сите кои имаат над 18 години. Ваква одлука е донесена во интерес на забрзувањето на имунизацијата во земјата, која имаше бавен старт.

    „Луѓето веќе нема да мора да чекаат 12 недели за да ја добијат втората доза од вакцината на ‘АстраЗенека‘, туку ќе може да ја добијат најрано четири недели по првата. Секој возрасен жител ќе може да се вакцинира кај својот матичен лекар, без разлика на која возрасна група припаѓа. Работата е да постигнеме поголема прагматична флексибилност“, изјави германскиот министер за здравство Јенс Шпан.

    Само 8,6% од возрасното население во Германија е целосно вакцинирано, додека 30% имаат примено една доза.

    Ова следува откако долниот дом на германскиот парламент усвои закон со кој ќе се олеснат ограничувањата за вакцинираните луѓе. Откако ќе се одобри националната шема, ќе се овозможат унифицирани правила за вакцината на „АстраЗенека“, кои досега варираа од една до друга сојузна покраина.

    Германија беше меѓу првите земји кои го ограничија вакцинирањето со „АстраЗенека“ на лицата над 60 години, откако таа беше поврзана со ретки случаи на тромбоза. Сепак, европските регулатори заклучија дека вакцината е безбедна и ефективна и дека придобивките ги надминуваат ризиците.

    Токму одлуката на германските здравствени власти, а потоа и на Канада беше директен повод и Македонија да донесе слична одлука и да ја ограничи „АстраЗенека“ на лица над 60 годишна возраст.
    „По извештаите на Канада и Германија донесовме одлука да ги следиме нивните препораки и нема да вакцинираме со ‘АстраЗенека’ лица кои се помлади од 60 години“, изјави министерот за здравство Венко Филипче на 30 март.

    И Канада во меѓувреме ја промени својата политика кон оваа вакцина и Националниот советнички панел за имунизација (НАЦИ) соопшти дека сите кои имаат над 30 години можат да се вакцинираат со „АстраЗенека“ и веднаш потоа со оваа вакцина се вакцинираше и премиерот Џастин Трудо кој има 49 години.

    Уште не е познато колку македонски граѓанки и граѓани од околу 15-те илјади што се вакцинираа во Србија со „АстраЗенека“ кон крајот на март се под 60 години, но српскиот министер за здравство Златибор Лончар на 20 април изјави дека „најмалку што Србија може да направи за нив е да ги ревакцинира таму каде што ја примиле вакцината“, ако македонските здравствени власти и натаму опстојуваат на ставот да не вакцинираат со оксфордската вакцина помлади од 60 години.

    Во Србија нема старосно ограничување за вакцината на „АстраЗенека“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира