Зградата на некогашното турско ислахане во Битола, односно училиште за занаети и уметности од османлиско време кое денес се нарекува стар Прогрес, доби статус на привремено заштитено добро, со акт на Управата за заштита на културното наследство, по предлог на НУ Завод и музеј Битола.
На одбележувањето на Меѓународниот ден на спомениците и локалитетите, министерката за култура Ирена Стефоска токму пред ислахането соопшти дека е започната иницијативата за заштита на овој редок објект од османлискиот период, кој е еден од трите на Балканот, покрај оние во Солун и Скопје.
- СЕ ПРОДАВА ТУРСКОТО ИСЛАХАНЕ ВО БИТОЛА СТАРО 120 ГОДИНИ, ГО НЕМА НА ЛИСТИТЕ НА ЗАШТИТЕНИ ОБЈЕКТИ
- ИСЛАХАНЕТО ВО БИТОЛА СЕ ЗАШТИТУВА КАКО СПОМЕНИК НА КУЛТУРАТА, ОТКАКО САКАМДАКАЖАМ.МК ОБЈАВИ ДЕКА СЕ РУИНИРА И ПРОДАВА
Градено во периодот од 1894 до 1899 година, ислахането не е обновено со децении и денес е во руинирана состојба, со стара и неодржувана фасада, столбови и тераса во распаѓање и искршени прозорци. Иако е една од повпечатливите градби во Битола од отоманскиот период, досега ја немаше на листите на заштитени објекти.
По пишувањата на САКАМДАКАЖАМ.МК дека зградата, која е во приватна сопственост, се продава, реагираше Зацод и музеј Битола и ја стави на списокот на објекти под привремена заштита.
Училиштето во континуитет функционирало до 1912 година, кога со доаѓањето на српската власт било затворено. По Втората светска војна, објектот долг период служел како погон на Фабриката за кондиторски производи „Прогрес“.