Индија за првпат регистрираше повеќе од 4.000 смртни случаи поврзани со ковид-19 во еден ден и над 400.000 новозаразени четврти пат во неделава, според официјалните податоци од здравствените власти.
Во последните 24 часа починаа најмалку 4.187 луѓе и бројката на вкупно починати стигна до 238.270. Вкупно заразени досега се речиси 22 милиони, откако денеска се регистрирани 401.078 нови случаи, што е трет ден по ред со над 400.000 нови случаи.
Здравствениот систем е на работ на колапс во јужна и источна Индија, каде што има досега невиден раст на нови случаи. Неколку покраини како Тамил Наду и Керала воведоа нови затворања за да се спречи понатамошното ширење на заразата.
Индија е второ место во светот по бројот на заразени, зад САД со 32,6 милиони случаи, додека по смртноста е на трето место, зад САД и Бразил, кои имаат над 400.000 починати.