Епидемиолозите предупредија дека пандемијата е далеку од завршена, откако викендов, Шпанците на улици и плажи ги славеа крајот на шестмесечната вонредна состојба и укинувањето на полицискиот час. Претседателката на Шпанското здружение на епидемиолози, Елена Ванеса Мартинес, кажа дека во земјата сè уште има многу заразени и дека зачестените контакти можат да предизвикаат ново ширење.
„Загрижена сум за сигналот на лажната безбедност што беше испратен со укинувањето на вонредната состојба и полицискиот час“, изјави Мартинес.
Општата забрана за движење во ноќните часови ќе остане на сила во четири од 19-те региони. Со укинувањето на голем дел од рестрикциите, повторно е дозволено да се патува низ Шпанија и да се посетуваат роднини.
Во Мадрид и Барселона, големи групи луѓе, главно млади, ја прославуваа слободата на централните плоштади, при што ретко кој носеше маска, а не се почитуваше ни социјална дистанца, па интервенираше и полицијата.
„Слобода не значи дека треба да се одржуваат улични забави со алкохол. Пандемијата не е завршена“, изјави градоначалникот на Мадрид, Хосе Луис Мартинес-Алмеида.
Во изминатите 14 дена, Шпанија има просек од 198 новозаразени на 100.000 луѓе, иако бројките се повисоки во Мадрид и Баскија.