УШТЕ Е РАНО ДА СЕ УКИНАТ МАСКИТЕ НА ОТВОРЕНО И ДА СЕ ПРАВАТ СВАДБИ, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕ

    УШТЕ Е РАНО ДА СЕ УКИНАТ МАСКИТЕ НА ОТВОРЕНО И ДА СЕ ПРАВАТ СВАДБИ, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕМаски на отворено и понатаму се задолжителни. (Фото: Ѓ. Личовски)

    И покрај олабавувањето на мерките против ковид-19 и понатаму задолжително останува носењето на маските на отворено. На денешниот утринскиот состанок на Комисијата за заразни болести се разговарало и за оваа тема, но било заклучено дека засега е рано да се донесе одлука маските да не бидат задолжителни на отворено. Ова важи и за лицата кои ги примиле двете дози на вакцината.

    „Сè уште е рано да се даде општа препорака маските да не се носат на отворено. Тоа е нешто за што ќе разговараме во наредниот период, следејќи ја состојбата на терен односно како се намалуваат бројот на заразени и се зголемува бројот на вакцинирани граѓани“, рече министерот Венко Филипче.

    Филипче кажа дека одлуката за олабавување на мерките и дозволата за организирање на настани не ги вклучува организирањето концерти и свадби односно тие сè уште се забранети.

    Заклучно со вчера во земјава се вакцинирани 107.978 граѓани, а пријавени за вакцинација се 287.957. Филипче кажа дека сите граѓани кои до 30 април се пријавиле на сајтот vakcinacija.mk оваа недела односно до 15 мај ќе добијат термин за вакцинирање.

    Денеска во земјава стигнаа 10.000 дози од вакцината „Фајзер“ од кои половина се од директниот договор со производителот, а другата половина преку солидарниот фонд на Европската унија за Западен Балкан. Во сабота како што кажа Филипче ќе стасаат уште 100.000 дози од кинеската „Синофарм“ кои ги добиваме како донација.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира